Јасна цел за „новата Барселона“: Меси станува како Мајкл Џордан

17

Ерата на Бартомеу на чело на Барселона неодамна заврши, па славниот каталонски клуб наскоро ќе добие ново раководство.

Изборната кампања ќе трае од 15 до 22 јануари следната година, а еден од кандидатите за нов претседател на Барселона е и Жорди Фаре.

Во разговор за радио емисијата „Онзе“, тој особено се позанимава со улогата која Лео Меси би ја имал во следниот период во Барселона, доколку Фаре дојде на чело на клубот.

Тој порача дека Меси мора да стане како Џордан, споредувајќи ја првата ѕвезда на Барселона со прославениот НБА ас и долгогодишен кошаркар на Чикаго Булс Мајкл Џордан.

„На Меси треба да му се понуди животен проект. Мораме да го претвориме во наш Џордан. Работиме на тоа да му понудиме проект во институциите на клубот.

„Веќе разговаравме со соработниците на Меси и имаме предлог. Прашањето не е економско – Лео веќе заработи многу пари. Тоа е љубовна приказна. Сигурен сум дека имам проект со кој ќе го придобијам Меси“, истакна Фаре во деновите кога низ медиумите се најавува можноста Меси да си замине од Барса, можеби веќе во јануари.