Јован Вранишковски не дојде на заедничката литургија во Скопје

17

Иако на заедничката литургија во храмот Свети Сава во Белград имаше една од забележителните улоги, Јован Вранишковски кој некогаш се сметаше за одметната црковна фигура од Македонската православна црква, денеска не присуствуваше на возвратната заедничка литургија меѓу МПЦ-ОА и СПЦ која се одржува во Соборниот храм во Скопје.

Српската православна црква вчера на својата веб страница го објави списокот на црковната делегација предводена од патријархот Порфириј. Во неговата делегација се и митрополит црногорски – приморски Јоаникије, сремскиот епископ Василије, бачкиот епископ Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотије, крушевачкоот Давид, ремезијанскиот Стефан и избраниот шабачки епископ Јеротеј, се наведува на веб страницата на СПЦ.

Вранишковски одржа и говор на минатонеделната заедничка литургија во Белград, при што рече дека помирувањето на двете цркви е за него најголема радост. Тој им оддаде признание на неговите колеги црковни претставници, како што рече, за служењето богослужби во приватни станови и во подруми, отворено алудирајќи на прогонот што го доживеа во Македонија.