Јовевски: Неточни се личните оценки на Грковска за работата на Јавното обвинителство

6

 

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски ги оценува како неосновани, паушални и неточни личните оценки на заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска за неговата и работата на Јавното обвинителство изнесени на вчерашнниот настан по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

-Во јавниот настап, во кој таа учествуваше како носител на јавна функција од извршната власт, некои од искажувањата, навидум лични, значат директно мешање во работата на Јавното обвинителство и ја загрозуваат неговата самостојност. Политиката на добро владеење во основа треба да ја почитува поделбата на власта и владеењето на правото, реагира Јовевски.

Во последниот извештај за напредокот на земјата на Европската комисија, јавниот обвинител вели дека не се упатени критики на сметка на Јавното обвинителство, туку напротив дека „постои умерен напредок во борбата против корупцијата“, што според Јовевски, е соодветно на целокупната оценка за подготвеноста на повеќето институции во земјава за исполнување на европските критериуми.

-Република Северна Македонија продолжува да напредува во истрагата, гонењето и судењето во предметите на корупција, вклучително и предметите на корупција на високо ниво, стои во извештајот на Комисијата. Притоа, и таму се истакнува дека е неопходно во иднина да се зголемат ресурсите кои се доделуваат на Јавното обвинителство и особено „да се издвојуваат доволни ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вклучувајќи и финансиски експерти, со цел да се осигури ефективна одговорност за предметите на корупција на високо ниво, додава Јовевски.

Според него, подобро и поцелисходно ќе биде доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект.

-Како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело, се вели во реакцијата на ЈО.

Очекува во иднина заменик претседателката на Влада, соодветно на функцијата која ја извршува, да покаже достојна почит кон работата на обвинителите за кои, како што вели Јовевски, „паушално оценува дека се луѓе без интегритет кои се плашат дури и да гласаат“.

-Апелирам до сите политичари да се воздржуваат од лични оценки донесени без реални и аргументирани основи и без познавање на состојбите во Јавното обвинителство, додава Јовевски.

Вели дека тврдењата на заменик претседателката на Влада дека веќе се обезбедени сите услови за ефикасна борба против криминалот и корупцијата не соодветствуваат на реалната состојба.

-Имено, иако со Законот за јавното обвинителство е предвидено висината на средствата за работа на Јавното обвинителство да изнесува најмалку 0,4 проценти од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година, таа законска обврска за издвојување буџетски средства не е ниту еднаш исполнета. И покрај укажувањата за ваквите состојби, секоја година Јавното обвинителство добива едвај околу половина од буџетот кој го побарува и кој е неопходен за функционирање и за исполнување на задачите предвидени во Законот за кривична постапка. Буџетот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е зголемен во однос на претходните години, но и тој е далеку од реалните потреби, посочува Јовевски.

Во реакцијата се наведува дека „Грковска сигурно е запознаена дека Јавното обвинителство работи со помалку од две третини од неопходниот број јавни обвинители, а таа состојба постојано се влошува“.

-Во земјава има помалку од девет обвинители иако според Европската комисија за ефикасност на правдата, во европските земји, тој просек изнесува 12 обвинители на секои 100.000 жители. Состојбата не е подобра ниту кај јавнообвинителската служба, на што укажувам во сите мои јавни настапи. Доколку го посети Јавното обвинителство, изворно ќе биде информирана и за состојбата и за потребите за функционирањето на истражните центри, заклучува Јовевски.