Јовески: Криминалот не запре ни за време на пандемија

19

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, се поажли дека со години имаат недостиг на материјални и човечки ресурси.

Oваа година обвинителствата постапиле против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела, а само за време на вонредната состојба биле поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи, соопшти денеска јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, кој одржа дигитална средба со новинарите.

– Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата, обезбедивме непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи – рече Јовески.

– Веќе е познато дека со години имаме недостаток на материјални и човечки ресурси. Тоа многу ја отежнува нашата работа. Меѓутоа, годинава беа избрани нови 18 јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно-обвинителски стручни соработници. Овие нови вработувања значително ќе ги подобрат капацитетите на јавното обвинителство, но неопходно е и натаму да се засилуваат човечките ресурси во обвинителството – рече Јовески.

Тој потсети дека годинава профункционирале 4 истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и во Тетово. Со пари од Европската унија целосно се реновирани просториите на 9 основни јавни обвинителства, а две обвинителства добија нови простории. Водени се неколку дисциплински постапки против 5 јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето.

– Имајќи ја предвид состојбата во државата предизвикана од пандемијата за 2021 е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто. Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус – додаде Јовески.

– Обвинителството постапува непристрасно и неселективно се гонат сторители на кривични дела, а така ќе се продолжи и следната година – порача јавниот обвинител.