ЈО демантира: Никој не нудел спогодба за случајот „ТНТ“

9

Јавното обвинителство денеска преку соопштение во целост ги демантира наводите во некои медиуми кои се однесуваат на постапката во предметот во јавноста познат како „ТНТ“, дека јавниот обвинител кој постапува во предметот влијаел врз одлуката на Судот за текот на постапката или кривичната санкција во предметот.

„Сите услови побарани од странките во постапката, до овој момент се задоволени од страна на Судот, вклучувајќи и превод на целиот доказен материјал и сите записници на албански јазик, токму по барање адвокатот Мерџан Даути, кој застапува странка која воопшто не говори на албански јазик, како што и самата се има произнесено“,велат од ЈО.

Понатаму се појаснува дека во конкретниот случај станува збор за предмет за кој само судската постапка трае повеќе од три години. Главната расправа за предметот е започната од 24.01.2018 година и досега два пати судењето започнуваше од почеток поради промена на поротник како дел од судечкиот совет.

„Пред второто враќање од почеток предметот беше веќе во фаза на завршни зборови, но по инсистирање на одбраната, која не се согласи со формално читање на записниците од расправите каде беа изведувани доказите, сите сведоци и докази беа повторно сослушувани и изведувани во повторените постапки, со што одбраната придонесе за непотребно одолговлекување на постапката. За ова Основниот кривичен суд Скопје веќе неколкупати апелираше до јавноста преку соопштенија и брифинзи како и со официјални дописи до Адвокатската комора“,додаваат од ЈО.

Затоа, ЈО смета дека медиумските написи се единствено во насока да се изврши притисок за повторно неоправдано одолговлекување на постапката.​

Реакцијата на ЈО е откако во повеќе медиуми се појавија написи во пресрет на денешното рочиште за случајот „ТНТ“, дека наводно обвинителот Бурим Рустеми му нудел нагодба за еден од обвинетите, односно условна казна ако го признае делото за да заврши предметот до крајот на оваа година.

Допис со ваква содржина адвокатот Мерџан Даути испратил до претседателот на Крривичниот суд, до шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал , до ЈО и до странски амбасади.

Случајот ТНТ се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски.

За делото се обвинети повеќе лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на експремиерот Никола Груевски.