ЈСП „Скопје“: Билетите нема да поскапат, но поради цената на метанот се бара помош од Владата

6

Откако пред два дена се зголеми цената на метанот од 50 на 110 денари, ЈСП „Скопје“ побара помош од Владата, во спротивно ќе го редуцира возниот ред, односно автобусите ќе сообраќаат само по зимски возен ред.

Сепак, директорот на ЈСП „Скопје“, Иван Илиевски тврди дека цената на билетот за превоз во автобусите нема да се зголеми.

– Овој ценовен шок дополнително ќе има негативно влијание за и онака нашата лоша финансиска состојба, па од тие причини, автоматски сме принудени да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз, односно на услугите кои ЈСП Скопје ги нуди на скопјани. Затоа и бараме помош од централната власт. Ќе го следиме развојот на настаните и во зависност од исходот ќе делуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни наменски субвенции од Град Скопје, односно од Советот кои и досега имаа разбирање за нашата состојба и бескрајно сум им благодарен за целата соработка и поддршка – рече Илиевски.

Тој посочи дека на метан возат 33 нови автобуси на МАН, за кои минатата година горивото чинело околу еден милион евра, а со новата цена ќе требаат два милиона.

Говорејќи за лошата финансиска ситуација на ЈСП „Скопје“ директорот посочи дека само за гориво за двокатните автобуси имаат обврска кон добавувачите од 180 милиони денари, а дека доспеала за плаќање и првата рата од еден милион евра од кредитот од 10 милиони евра од ЕБОР за новонабавените 33 автобуси.