Јуве ја засили понудата за Дибала и му постави ултиматум – Прифати или оди си

19

Јувентус наскоро ќе испрати нова понуда за продолжување на договорот на еден од своите најдобри играчи, Пауло Дибала. Основната плата остана иста како и минатото лето, 10.000.000 евра, со тоа што во Торино сега се подготвени на тоа да додадат и 2.000.000 евра потенцијални бонуси кои Аргентинецот би можел да ги активира со својот учинок.

Новиот договор би подразбирал продолжување на соработката со 2025 година, додека актуелниот му трае до 2022 и на основа на истиот, напаѓачот на „Старата дама“ заработува 5.000.000 евра по сезона. Дибала летоска ја одби понудата од 10.000.000 евра за продолжување на соработката, бидејќи бараше повеќе, па останува да се види дали ситуацијата нешто се променила.

Доколку би прифатил нов договор, Дибала би го презел второто место од Матијс де Лихт според платата во Серија А, додека се уште неприкосновено најплатен играч во Италија е Кристијано Роналдо со неверојатен договор од 32.000.000 евра годишно. Фабио Паратичи наскоро би требало да се сретне со агентот на Дибала, а еден од ставовите е дека Аргентинецот ќе биде прододаден до крајот на сезоната ако соработката не биде продолжена. Тоа впрочем е и логична одлука, со оглед на тоа дека Дибала следното лето ќе влезе во последната година од договорот и тоа би била последна шанса шампионот на Италија сериозно да заработи од неговата продажба.

Можеби и тие константни приказни за заминувањето на Дибала предизвикаа незадоволство кај самиот играч. Речиси да нема преоден рок во последните неколку години во кој Дибала барем на индиректен начин од страна на Јуве не е нуден на други клубови. Тие приказни не влијаеја на играта и учинокот на Аргентинецот, но сосема сигурно го погодуваа.

Дибала му се приклучи на Јувентус во 2015 година, кога пристигна од Палермо за обештетување од 40.000.000 евра. Забележа 240 настапи за „Старата дама“ и постигна 97 гола, а беше и еден од клучните играчи во актуелната доминантна ера на гигантот од Торино. Оваа сезона Дибала забележа 13 настапи за Јувентус во сите натпреварувања и постигна само два гола.