“Љубојна” со акустичен концерт за душа

15

Љубојна еден од најреномираните македонски етно-бендови вечер со почетокот во 19:30 часот, во Македонската опера и балет, по прв пат ќе одржат акустичен концерт насловен „Љубојна unplugged“.

Вокалот на составот Вера Милошевска по повод претстојниот концерт најави дека на сцената ќе има многу музичари, сценографијата е дигитално изработена и ќе долови амбиент на шума, а фокусот ќе биде на пеењето.

-Ова е вистинска прилика за публиката, во една уникатна атмосфера да ги слушне сите големи хитови на “Љубојна”. Во моментите кога во медиумскиот етер е актуелен спотот за синглот “Севдо Ле” кој е наше последното остварување, овој настан е уникатна можност за вистинско предновогодишно уживање. Акустичното Е за Душа. Акустичното Е за Мерак!, затоа што кога срцето ти пее и здивот е музика, порачуваат од „Љубојна”.

Порано неделава беше презентиран и најновиот албум на Љубојна со Оркестарот на Македонската Филхармонија и Емин Џијан насловен „B.Y.Z.A.N.C.E”. Албумот содржи материјал од концертот што бендот го одржа со Филхармонијата на 1 февруари, годинава, под диригентската палка на Џијан Емин.

На албумот се поместени осум нумери, од кои две се авторски – „Севдо ле“ и „Горки чувства, слатки немири“ кои се работени на текстови од Вера Милошевска, а музиката е на Оливер Јосифовски. Останатите нумери се традиционални, аранжирани и преработени теми прв пат објавени на нивен албум. Ова е 12-ти по ред албум на „Љубојна“.