„Њујорк Тајмс“: Џина Хаспел е жената која го убедила Трамп да го убие Сулејмани

9

Заканата која ја претставува иранскиот генерал е поголема од заканата од реакција на Иран ако тој биде убиен, му рекла директорката на ЦИА, Џина Хаспел, на американскиот претседател Доналд Трамп, неколку дена пред да буде убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани американски официјални лица. Хаспел успеала и целосно да ја предвиди реакцијата на Иран, односно таа го предвидела ракетниот напад врз базите со американски трупи како најверојатна реакција на Иран, а токму тоа и се случи во вторникот.

Иако Хаспел формално не зазела став ни „за“ ни „против“ Сулејмани да биде убиен, лицата кои ја сослушале нејзината анализа биле убедени дека ЦИА верува дека неговата ликвидација само ќе ја зајакне, а нема да ја ослабне позицијата на САД и безбедноста на Блискиот Исток, пишува „Њујорк тајмс“.

Предупредувањето на американските разузнавачи дека ирански ракетен напад врз американските трупи е речиси извесен, стигнало во вторникот во два часот попладне по локално време. Претходно се нижеле различни сценарија за можна одмазда на Иран за убиството на Сулејмани: ракетни напади, терористички напади врз Американци на Блискиот Исток, па дури и дека стотина припадници на милицијата која ја поддржува Иран би можеле да ја нападнат воздухопловната база Ал Асад.

Но, последното предупредување на разузнавачите го испратил потпретседателот Мајк Пенс и советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан директно во подрумот на западното крило на Белата куќа, каде, набргу им се придружил и Трамп.

Три часа подоцна, балистички ракети паднале на две бази во Ирак, вклучувајќи ја и Ал Асад. Весникот наведува дека во базите Ал Асад и Ербил била причинета материјална штета, без жртви или повредени.

Трамп и неговите соработници ја поминале ноќта заедно со воените стратези, разгледувајќи ја можноста да се осветат на Иран ако има мртви американски војници.

„Њујорк тајмс“ оценува дека навремените предупредувања на разузнавачките служби донекаде придонеле ракетите да уништат празни хангари и хаварисани авиони и да нема загинати американски и ирачки војници.

Трамп по нападите во обраќање до нацијата наведе дека по сè изгледа дека Иран се повлекува.

Американскиот претседател рече дека иранските напади направиле толку мала штета затоа што биле преземени мерки на претпазливост, имало прераспоредување на силите и имало навремено предупредување.