Ќе се крчка ли новата влада до 2 септември, кога и Ахмети ќе дава исказ пред хашките обвинители?

16

СДСМ претпладнево во ново соопштение ги посочи приоритетите на идната влада, но не е наведено кога може да се очекува нејзиниот избор во парламентот
Следната среда (2 септември) е критичен датум за македонската политика, со оглед на тоа што тогаш е последниот рок до кој мандатарот Зоран Заев треба да го достави до парламентот составот на неговата нова влада, а тогаш е и датумот кога неговиот старо-нов коалициски партнер Али Ахмети треба да даде исказ пред Специјалното обвинителство за Косово, кое е лоцирано во Хаг.

Од СДСМ засега нема информации дали Заев ќе стигне и пред 2 септември да ги достави до Собранието предлог-составот на идната влада и програмата за работа, кои начелно ги договори со Ахмети, но, поради превирањата во ДУИ, списокот со идни министри од оваа партија сè уште не е конечен. Сепак, брзата оставка на пратеникот Флорин Бесими, за да избегне судир на интереси поради номинацијата на неговиот брат Фатмир Бесими за министер за финансии, се смета за сигнал дека конечната листа со членови во идната влада би можела да биде готова и доставена до пратениците до крајот на оваа седмица. Потоа, спикерот Талат Џафери во рок од 15 дена би требало да закаже седница за избор на новата влада.

СДСМ претпладнево во ново соопштение ги посочи приоритетите на идната влада, но не е наведено кога може да се очекува нејзиниот избор во парламентот.

„Новата влада предводена од СДСМ во следниот четиригодишен мандат продолжува со политиките што ја движат државата напред, по европскиот пат кој го трасираше изминатите три години. Пред нас претстојат четири години на напредок, развој и интеграција, период на домашни реформи во кои ќе гледаме како земјата ни се трансформира кон подобро, четири години во кои како држава многу повеќе ќе добиеме отколку што ќе дадеме“,

се наведува во партиското соопштение.
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, од каде што прогнозираат дека новата влада нема да трае долго, од СДСМ настапуваат со амбиција следниот кабинет на Заев да го истурка целиот мандат.

„Продолжуваме со принципите дека интересите на граѓаните и државата се над сѐ и тоа ќе го покажеме и во новиот, полн четиригодишен мандат“, велат од СДСМ.

За разлика од ДУИ, ситуацијата во СДСМ е почиста, односно извесно е кои ќе бидат идните министри. Всушност, парламентот го напуштаат сите носители на листите на СДСМ на изборите на 15 јули. Покрај Заев, во Владата „се селат или се враќаат“ Никола Димитров, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Радмила Шекеринска, додека во шестата изборна единица носител на листата на коалицијата „Можеме“ беше лидерот на Беса, Билал Касами, кој останува во законодавниот дом, од каде што, во претходниот мандат, замина есента 2017 година, кога се кандидираше за градоначалник на Тетово.

Од „втората постава“ од листите на СДСМ, од парламентот заминуваат и Мила Царовска, која беше во „тандем“ со Димитров во првата ИЕ, како и Јагода Шахпаска, која беше второрангирана во третата ИЕ.

Во парламентот засега се различни толкувањата за тоа дали кандидатите за министри ќе треба да дадат оставки пред седницата за избор на Владата и на нивни места да дојдат следните кандидати на листите. Или, пак, кандидатите за членови на Владата ќе може како пратеници да гласаат и за избор на кабинетот во кој ќе партиципираат, така што пратеничката функција по автоматизам би им престанала по нивниот избор на министерските позиции.