Ќе се обесштетуваат депозитите до 30.000 евра од „Еуростандард банка“, вели Фондот за осигурување на депозити

13

По пропаѓањето на „Еуростандард банка“, Фондот за осигурување на депозити (ФОД) соопшти дека ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020. Исплатата ќе почне во рок од 20 дена. Народната банка (НБМ) вчера ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје и најави дека денеска до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во банката, а дека со отворањето на стечајот се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите.

„Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката. Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката“, соопшти ФОД.

НБМ издаде и детално соопштение за обесштетувањата.

За обесштетувањето, нема потреба од дополнително барање или пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица. Депозитите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката.

Фондот вели дека ќе ги извести депонентите-физички лица за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето и за називот на банката односно банките преку кои ќе се врши исплатата на депозитите.