Ќе се укине забраната за извоз на брашно

Министерот за економија по средбата со мелничарите, рече дека бидејќи залихите од брашно се добри ќе предложи одлуката да се укине.

12

Владата ќе ја укине забраната за увоз и извоз на пченица и брашно, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по оствари работен состанок со претставници од мелничко-пекарската индустрија во земјата.

Како што рече министерот, одлуката се менува поради фактот што нема недостиг на брашно и пченица, а тоа го направиле и земјите од регионот.

– Залихите се во одлична кондиција во земјава и имаме простор да овозможиме компаниите да продолжат да извезуваат и затоа дозволуваме извоз. Немаме проблеми со снабдување со брашно, ниту покачување на цените. Ги заштитивме домаќинствата – рече Бектеши.

Бектеши го прокоментира и барањето на мелничарите да се зголеми цената на брашното.

– Ги следиме сите случувања, посебно со цените и снабдувањето репроматеријали за основните производи. Така и ќе продолжиме за да овозможиме навремено снабдување, квалитет и незголемување на цените – рече Бектеши.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ рече дека се задоволни од договорт.

– Имавме правен проблем со делот на Одлуката да се задржат цените на ниво од пред 11 март во кој вели дека „ако цените се зголемуваат за набавки, тогаш да се задржи маржата на заработка како пред 11 март за да има некаква контрола. Во меѓувреме, Србија забрани извоз на брашно во земјава, а дозволен беше увозот на пченица. Србите веднаш искористија прилика и до денеска ја покачија пченицата за 20 евра по тон, а исто и транспортерите го зголемија превозот на околу 10 евра по тон. По ова, ние мелничарите се соочивме зголемување на цената на пченицата и на трошоците за производство на брашно, што доведе до зголемување на цените на брашното од минимум два или три денари по килограм. Продавниците не можеа да го продаваат нашето брашно поради забраната за зголемување на цените. По оваа ситуација реагиравме со барање да се смени Одлуката – рече Малишиќ.