Ќучук: Бугарија треба да ја ревидира позицијата кон Македонија

0

Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје, смета бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Според него, евроинтеграцијата на С Македонија и другите балкански земји може само да придонесе Бугарија и целиот регион да се чувствуваат посигурни, особено во ситуација на воен конфликт на европскиот континент.

„Стратешки интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји кои можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето кои сакаат Северна Македонија да не биде дел од Европската унија. Политиките треба да се градат на малку подолг временски период. И ако погледнеме низ оваа призма на односите меѓу Софија и Скопје, ми се чини дека ќе најдеме многу посериозни аргументи Република Северна Македонија да биде дел од Европската унија“, истакнува Ќучук.

Многу е тешко, посочува бугарскиот европратеник, да им се објасни на европски партнери кои се причините за запирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, особено откако од Бугарија произлезе идејата за нејзино проширување кон Западен Балкан.

За известувачот на Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, европските гаранции се единственото решение за отворените прашања, пренесува БНР.

 

Владимиров: Во Копенхашките критериуми нема билатерални спорови

Бугарскиот аналитичар и експерт за Балканот Владимир Владимиров, пак, посочува дека аплицирањето за членство во Европската унија е јасно опишано во Копенхашките критериуми и таму се посочени фундаменталните принципи на Унијата.

„Тоа се владеење на правото, слободата на медиумите, слободата на изразување и така натаму. Во Копенхашките критериуми нема билатерални спорови. Северна Македонија ги исполнува критериумите за почеток на преговори. И поради оваа причина, ветото на Бугарија не е многу правно издржано. Во процесот на преговори за членство во НАТО, нашите сојузници и соседи од Турција не ни поставија услови да се откажеме од Шипченската епопеја. Тие го прифатија нашето и нивното читање на историјата. Малку подоцна, кога станавме членки на Европската унија, нашите сојузници и пријатели од Грција не ни поставија услов да напишеме во бугарските учебници дека нашата азбука и христијанството потекнуваат од нив. Нашите соседи се однесуваа европски. Истите очекувања се и од Бугарија. Според новите правила на Европската унија, Република Северна Македонија ќе има многу долг процес на пристапување, кој може да потрае 7-8 години“.

Во овој период, вели Владимиров, може да се решат сите билатерални спорови.

„Европската унија има потенцијал да стане гарант за решавање на нашите проблеми со Северна Македонија“, смета Владимир Владимиров.