Џафери е стабилен, но не се знае дали за Илинден ќе оди во Крушево и дали ќе ја оддржи конститутивната седница

23

Здравствената состојба на претседателот на Собранието Талат Џафери е стабилна, но му треба одмор и мирување по интензиваната кампања, информираат од кабинетот на Џафери,. Засега нема одговор дали претседателот на Собранието ќе ја свика конститутивната седница на 4 август или тоа ќе го стори највозрасниот пратеник.

– Здравствената состојба на претседателот на Собранието Талат Џафери е стабилна. Со оглед на интензивните активности што ги имаше во текот на изборната кампања, по препорака на лекарите неопходен му е одмор и мирување – велат од кабинетот на Џафери.

Претседателот на собранието во кус период три пати се тестирал на ковид-19 и трите теста покажале дека е негативен. Поради здравствени проблеми, Џафери пред неколку дена бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, со дијагноза пневмонија.

Од кабинетот на Џафери не одговорија дали претседателот, со оглед на здрваствената состојба, ќе биде во можност прво да присуствува и да се обрати на централната манифестација за одбележување на Илинден и потоа да ја закаже и да ја оддржи конститутивната седница на новиот парламент.

– Се ќе се закаже според рокот како што предвидува Уставот и деловникот. Ќе информираме кога ќе биде закажана седницата – велат од кабинетот на Џафери.

Според собранискиот деловник, Џафери може и да ја свика седницата ,односно да го потпише решението, а да не претседава со неа. Во таков случај, таа улога ќе ја има најстариот новоизбран пратеник од актуелниот нов парламентарен состав, а тоа е Стојан Миланов.

– Според член 9 од деловникот на Собранието, доколку првата седница не ја свика претседателот, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник. Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница – пишува во собранискиот Деловник.