Џафери ќе ги распише локалните избори на крајот на јули или почетокот на август

12

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека на крајот на јули или почетокот на август ќе ги распише локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври. Тоа, како што рече на брифингот со новинарите, ќе зависи од информациите кога завршуваат мандатите на градоначалниците.

Ако се оствари најавата за 17 октомври како оптимален датум за првиот изборен круг, почетокот на кампањата би се совпаднал со последните денови од пописот кој што завршува на 30 септември, но, ако изборите се една или две недели подоцна на повеќето од актуелните градоначалници и советници веќе ќе им бидат истечени мандатите.

Според Изборниот законик, редовни избори треба да бидат распишани во последните 90 дена од мандатот на актуелните градоначалници и советници, но не повеќе од 70 дена пред истекот на мандатот. На половина од градоначалниците, како што вели Џафери, четиригодишните мандати им биле потврдени околу 18 октомври 2017 година, а на оние кои беа избрани во втор круг кон почетокот на ноември 2017 година.

„Кога ќе дојде време ќе пуштам писмо до ДИК во однос на роковите и мандатите на локалните власти и согласно тоа ќе донесам одлука кога ќе ги распишам и кога ќе се одржат локалните избори“, рече Џафери.

Тој уште информираше дека на 1 јули ќе започне комисиската расправа за ребалансот на Буџетот и во наредните десет дена нема да има пленарни седници, освен ако не излезе нешто итно. Дотогаш би требало да се одржи седница за една од интерпелациите што ги поднесе опозицијата.

Во однос на разговорите со Бугарија и за тоа дали Собранието ќе се вклучи на некој начин во овој процес, Џафери кажа дека нашето Собрание го ратификувало Договорот со Бугарија и оти владите се тие што разговараат за ова прашање.

Инаку, тој на 28 и 29 јуни ќе биде во Брисел на покана на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли. На 28 во Брисел ќе се одржи конференција на претседатели на Парламенти на која ќе учествуваат сите спикери од земјите од Западен Балкан и оттаму ќе бидат упатени пораки до ЕУ по последната одлука за недоделување датум за Македонија и Албанија.