100-те лаптопи не се за пратениците туку донација за службеници

29

Стоте компјутери за кои вчера и денеска беа објавувани информации во дел од медиумите се за службата на Парламентот, а не за пратениците и тоа најмалку има врска со одржување на онлајн седници, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери на денешната средба со новинарите појасни дека лаптопи се од проект на Швајцарската амбасада во Северна Македонија и НДИ.

„Лаптопите се за потребите на службениците, немаат никаква врска со пратениците, а најмалку пак за онлајн седници кои сега се споменуваат. Набавката е направена согласно правилата на Бирото за јавни набавки. На набавката не се засместува ДДВ бидејќи е донација“, рече Џафери.

Собранието лани во јули 2019 година склучило меморандум за соработка со Швајцарската амбасада вреден 11 милиони швајцарски франци кои треба да бидат потрошени во 10 години за јакнење на капацитетите на Собранието и тој меморандум бил објавен веднаш на веб страницата на Парламентот.