120 илјади евра за 5 месеци: Собранието не работи со „полна пареа“, но пари за патни трошоци немилосрдно се трошат!

12

75 од вкупно 120 пратеници во македонското Собрание заработиле вкупно 122 илјади евра како надомест за патни трошоци, иако слободно може да се каже дека од парламентарците не работат во полна пареа поради пандемијата.

Од конституирањето во август лани, до први февруари годинава, 75-мина пратеници добиле надомест од дури 122 илјади евра за патни трошоци, иако пратеничкиот состав поради пандемијата и обезбедувањето на кворум не работи со полна пареа.

Како што пренесува sdk.mk, од почетокот на пратеничкиот мандат до 1-ви февруари, за патни трошоци најмногу наплатил пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов од Василево, кој добил 4,870 евра. На второто место се најде Сурија Рашиди од село Радолишта од Алијанса за Албанците кој добил надомест од 4,777 евра.

Следуваат уште двајца пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Петар Ристески од Прилеп со 4,092 евра и Јадранка Поцкова од Струмица со 3,968 евра. Следува пратеничката на ДУИ, Арбана Пашоли од Дебар која наплатила 2,633 евра.

Следуваат Ангелина Петкова од Гевгелија од ВМРО-ДПМНЕ (3,538 евра), Соња Михаиловска од Делчево од редовите на СДСМ (3,238 евра), нејзините сопартијци Панчо Минов (3,189 евра), Драгица Ѓавочанова (3,018 евра), Бети Рабаџиевска-Наумовска (2,791 евра), Лолита Ристова (2,387 евра) и Жаклина Лазаревска (2,369 евра).

Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ добил надомест од 2,568 евра, а Дафина Стојановска исто така од ВМРО-ДПМНЕ, иако живее во Гостивар наплатила 2,435 евра. Месечен автобуски билет од Гостивар до Скопје и обратно, во период од пет месеци чини 25 илјади денари, или околу 400 евра.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски како надомест за патни трошоци зел 2,245, а координаторот на СДСМ Јован Митрески земал 1,683 евра. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ подигнал 2,109 евра.