180 млади од Македонија ќе нурнат во светот на филмот на 9. „Џифони Македонија“

32

Филмски проекции, дискусии, креативни работилници по деветти пат ќе бидат дел од Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“. Од утревечер (7 октомври) до 12 октомри во Скопје, на добро познатите локации во Кинотеката и во Младинскиот културен центар ќе се слави филмската уметност.

Фестивалот ќе биде отворен на 7 октомври во 18 часот во киното „Фросина“, со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“.

Темата на фестивалот годинава е „Подобрувајќи го светот“ (Improving the world). Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – за филм, фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн и ликовна. Секое дете-учесник во својата категорија ќе гледа по четири филмови, после кои следува дискусија за истите. Годинава ги воведуваме и т.н хабови, во кои 50-ина средношколци од пет града ќе ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на фестивалот во 2022 година.

На наша голема радост за неколку дена беше пополнет бројот на учесници, кој годинава моравме да го намалиме, односно изнесува околу 180 ученици основните и средните училишта од градот заедно ќе гледаат филмови и ќе учествуваат на креативни работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

Имаме огромен интерес кај младите и жал ни е што голем дел од нив нема да можат да учествуваат, но за сите што не успеаја да влезат во жиријата, ќе има стриминг преку нашата страница. Се надеваме дека в година, на јубилејното издание, ситуацијата ќе се нормализира и ќе направиме многу повеќе за децата и младите – рече Дарко Башески, директор на фестивалот, на денешната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.

– После една година искуство и минатогодишното онлајн-издание, се враќаме во салите со ограничено присуство од 30%. Минатата година имавме успешно издание, иако онлајн не изгуби на квалитетот. Годинава се враќаме на изборната програма со филмови и работилници во живо. Имаме поддршка од Агенцијата за филм, „Џифони експириенс“, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерство за култура. Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поддржува програмата за деца и млади од другите градови и од странство, посочи Башески.

На програмата годинава ќе има 17 прокеции на играни филмови, 28 кратки во официјалната програма. Секој ден проекција, дискусија, а во вечерните часови во Кинотека ќе има програма „Џифони +“, која е фокусирана на односите меѓу децата и родителите, инспирирана од „Џифони Италија“ и нивната програма „Parental experience“.

Оваа година имаме богата програма, која ни малку не се разликува од годините кога немавме рестрикции, рече Деа Крстевска Тамборини, програмски директор.

– За учесниците од другите градови организираме т.н хабови со пет средни училишта од Прилеп, Куманово, Охрид, Маврово-Ростуше и Кавадарции, а покрај нив онлајн ќе се вклучат и 30-ина учесници од странство: Италија, Хрватска, Полска, Романија. Македонското издание се роди како идеја да се пренесе италијанското искуство кај нас. Сведоци за успехот на нашиот фестивал се младите кои сега се студенти, дипломирани, успешни во филмската и креативната индустрија, кои своите таленти ги откриле токму на „Џифони Македонија“.