189 туристи пристигнаа на експериментален одмор во Грција: Тие мора да ги почитуваат овие строги правила

14

Режимот, кој во некои „нормални“ времиња би изгледал како камп за обука, со задоволство го прифатиле 189 холандски туристи кои се согласиле да го заменат карантинот во нивната матична земја со „заробеништво“ осум дена во грчко одморалиште, пишува „Гардијан“.

Туристите пристигнаа на островот Родос во понеделникот, како дел од експериментот што го смислија експертите за туристичка индустрија, решени да не изгубат уште една сезона поради Ковид-19, што треба да покаже дали може да се организираат безбедни одмори за време на пандемија.

„Многу сум возбудена. Чудно е што сум тука, но навистина сум возбудена затоа што одам на годишен одмор“, вели Ејми Смалдерс (25), графички дизајнер кој патувал со нејзината сестра.

Додека Европа е под клуч, овој осумдневен одмор доаѓа во комплет со строги правила – туристите ќе уживаат во морето од балконот на својата соба и нема да можат да го напуштат хотелот ниту да одат покрај плажата. Исто така, не смеат да се мешаат со други гости, што нема да им биде тешко, имајќи предвид дека тие ќе бидат единствените гости во наредните денови. Строгата социјална дистанца ќе мора да се спроведува во секое време.

Но, за 399 евра по лице, туристите ќе добијат пакет инклузивен кој вклучува пристап до хотелскиот базен, ресторани и други објекти во одморалиштето.

Веднаш откако авионот слета на аеродромот на Родос, грчките медиуми побрзаа да ги слушнат впечатоците на идните туристи за овој проект. „Немам базен дома и нема пабови отворени за пиење пиво … така што е многу подобро“, воодушевено рече еден млад човек.

Друга млада жена коментира дека „во најлош случај, цела недела ќе ја помине во базен на душек од фламинго и со коктел во раката“.

Туристичката група вклучуваше лица на возраст од 18 до 70 години и тие беа избрани од 25.000 апликанти во соработка со холандската влада. Сите имале негативни тестови за вирусот корона, но сигурно ќе бидат тестирани три дена пред нивното враќање, а исто така ќе бидат подложени на брзи тестови на денот на нивното враќање.

„Никогаш не можев да го замислам ова, но во моментов е сè што можеме да добиеме и ќе уживаме во тоа“, рече Тери Орскот (49).

Грција, која е во голема мера зависна од туризмот, е желна да привлече луѓе по поразителната 2020 година во која бројот на туристи падна за една четвртина во споредба со претходните сезони.

„Многу е важно луѓето да почнат да доаѓаат овде“, рече Константинос Тарасијас, заменик-градоначалник за туризам на Родос, четвртиот по големина остров во Грција, чии гости се скоро исклучиво странци.

Холандската туристичка агенција „Санвеб“ вели дека се надеваат дека овој експеримент ќе покаже дека луѓето сè уште можат да уживаат во својот одмор, дури и кога се присутни строги безбедносни режими, и дека целата идеја ќе го отвори патот за повторно унапредување на туризмот.

„Ова е многу важно за туристичката индустрија. Не мислам дека многу компании ќе преживеат уште едно лето без патувања“, велат од оваа агенција. Сепак, тие додаваат дека заклучувањето луѓе во одморалиштата не може да биде долгорочно решение.

Луѓето на Родос не беа сигурни што да мислат за целата идеја. „Мислам дека тоа не носи никаква корист за рестораните како нашиот. Тоа е првиот експеримент и ќе има втор и трет, и во одреден момент работите ќе мора да бидат како што беа порано“, рече Јанис Каликиас, генерален директор на групата ресторани на овој остров.