25 години од обидот за атентат врз Глигоров, нарачателите и извршителите непознати

14

Денеска се навршуваат 25 години од неуспешниот обид за атентат врз првиот претседател на Македонија Киро Глигоров. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.

Глигоров преживеа со тешки повреди на главата, а на местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а како последица на повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов. Повреден беше телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски и Климе Коробар и Јован Атанасовски, кои во моментов се затекнале таму.

Останува непознато кој стоше зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена. Во автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, кој беше активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата беа претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата. Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, на 94 години.