Њујорк прогласи вонредна состојба поради рекордни врнежи и поплави

5

Вонредна состојба е прогласена во Њујорк откако градот беше погоден од рекордни врнежи и поплави како последица на ураганот Ајда, кој пред неколку дена помина низ Луизијана, носејќи ветрови од 240 километри на час.

Градоначалникот Бил де Блазио кажа дека градот поминува низ историски настан, проследен со брутални поплави и опасни услови на патиштата. Снимките на социјалните мрежи покажуваат како водата продира во подземната железница и домови и поплавува патишта.

Њу Џерси исто така прогласи вонредна состојба и го пријави првиот смртен случај во областа, откако едно лице се удавило.

Националната метеоролошка служба измерила осум сантиметри вода во њујоршкиот Сентрал Парк во еден час. Полицијата им порача на луѓето да не тргнуваат на пат, додека метрото во најголем дел е затворено, а во прекин е и железничкиот и взодушниот сообраќај меѓу Њујорк и Њу Џерси.

За тоа време, стотици илјади домови во Луизијана и натаму се без струја по ураганот Ајда, а во Њу Орлеанс е воведен полициски час во ноќните часови.