Пола милион фудбалски евра за корона тестови, сребро од олимпијада во теквондо и многу корона-промени во спортот во Македонија

7

Како и во сите држави, така и во Македонија државата почна да применува повеќе мерки за заштита и за помош на економијата. Во два наврати беа донесени и понудени мерки со помош за спортот, спортистите, клубовите и федерациите. Помалку атрактивни спортови и претходно имаа проблеми со финансирањето, но корона мерките ги принуди и побогатите спортови да го „почувствуваат“ тој проблем

Редакција КОХА

Националниот празник во Македонија, 11-ти октомври, Ден на востанието против фашизмот, покрај празнувањето донесе и еден спектакл. За првпат на најголемиот фудбалски стадион гостуваше Германија, 4-пати светски и трикратен европски шампион. Германците се појавија пред публика откако корона мерките беа дополнително олабавени. За спортски натпревари беше дозволена исполнетост од половина капацитет на спортските стадиони. На фудбалската арена „Тоше Проевски“ од 34 илјади седишта, корона капацитетот за моќните германци изнесуваше 17 илјади публика. Под посебни протоколи. Влез дозволен само за вакцинирани или скоро прележани од Ковид-19. Картата беше симболични 300 македонски денари или 5 евра. Половичан капацитет беше исполнет, а Македонија за првпат е домаќин на Германија дома и тоа само неколку месеци откако ја оствари историската победа против „панцерите“ на гости.

-На влезовите имаше посебна контрола. Дезинфекција. Влез со задолжителна маска на лице. Стјуардите проверуваа сертификати за вакцинација, и тоа детално не како што се прегледуваат во ресторани или во трговски молови. Ги скенираа и проверуваа дали се оригинални и дали се на исто име со личната карта на гледачот. Ќе памтам и дека многу врнеше. А ќе гледам да заборавам дека многу изгубивме, низ насмевка ни објаснува еден од македонските навивачи присутен на стадионот.

Северна Македонија: Германија 0:4. По дождот доаѓа сонце, вели старата народна мудрост. Но, кога ќе дојде крајот на корона и Ковид-19, нема ниту одговор ниту мудролија. И некаде во таа неизвесност предизвикана од новиот вирус, спортот во Македонија имаше огромни успеси, два од нив историски.

Првиот успех е историскиот пласман на фудбалската репрезентација на Европското првенство. Од независноста до сега, 30 години, стотици фудбалери во црвено-жолтиот национален дрес се обидуваа, ама никогаш не стигнаа до завршница и големо првенство. Последната генерација, предводена од ветеранот Горан Пандев, стигна до завршницата благодарение на новата Лига на нации, но и поради одличните игри на терен.

Последните две квалификациски кола требаше да се одиграат на пролет 2020-та, но поради пандемијата целиот шампионат беше префрлен за година дена подоцна. И пласманот беше обезбеден, а Македонија беше единствената држава од крајниот југ на Балканот што играше на Европското првенство. Ги немаше Црна Гора, Србија, БиХ, Бугарија, Грција. Дебито заврши со три порази и збогување на Пандев од националниот дрес.

-Романија немаше строги ковид-протоколи па границите на оваа земја беше отворени и неколку илјади Македонци заминаа во Букурешт, каде не сите имаа можност да влезат на „Националната арена“ поради лимитираниот капацитет на стадионот. Сепак тоа не ги запре Македонците и без билети да одат во Букурешт да навиваат, да ја бодрат репрезентацијата и од кафулињата и рестораните и да направат вистинска фудбалска атмосфера низ Букурешт. Најважно е тоа што имаше и заедничко навивање на македонските навивачи со фановите на Австрија и Украина, кои беа наши ривали. Немаше никакви инциденти туку само песна и славје. Во Холандија беше поинаку, Македонците не можеа да патуваат во Амстердам поради строгите ковид-протоколи, ни рече Бранко Казаковски, спортски новинар на ТВ Телма.

КОНЕЧНО МЕДАЛ НА ОЛИМПИЈАДА И АТЛЕТСКИ РЕКОРДИ

Вториот успех беше сребрениот медал на теквондистот Дејан Георгиевски. Тоа е втор медал на македонски спортист на Олимпијада, но прв во овој век, по дваесет години пауза. Корејскиот боречки спорт одеднаш во време на корона, стана омилен спорт на жителите на Македонија поради успехот на пред-Олимпијадата речиси непознат на пошироката јавност Георгиевски.

Короната се чувствуваше и при овој историски успех. Тренерите на Георгиевски стоеја покрај борилиштето со маски на лицето, додека теквондистот се пробиваше кон финалето, а спортската сала беше празна затоа што во Токио не беше дозволена публика.

-Кога стигнавме во Јапонија во првите 20 часа има 4 или 5 тестирања. За секое влегување во друг простор. Во олимпиското село контролата ја вршеше јапонска војска и полиција. Маските и растојание беа задолжителни. Ако некој тргнеше маска можеше да се соочи со „дисквалификација“ односно да биде вратен дома од олимпијадата. Дури и во мензата, масите беа засебни и изолирани со плексиглас од соседните. Секој ден не тестираа, а позитивен на корона спортист или тренер отпаѓаше од натпреварите. Во салата можеа да присуствуваат како публика само спортисти. Јас бев на трибините блиску до борилиштето и не моравме да носиме маска. И во вакви услови, успеавме да стигнеме до финале и на мал чекор до злато, ни објаснува Дарко Костовски, еден од тренерите на олимпиецот Георгиевски.

Тешката и долга пандемија донесе и други индивудуални успеси и рекорди на спортистите од Македонија. Атлетичарката Дрита Ислами успеа да го собори националниот рекорд во 400 метри со пречки. И тоа двапати, во мај и во јуни 2021-ва. Претходно, Ислами мораше да ги преживее полицискиот час, затворените теретани и забранетите тренинзи, се поради корона.

-И во нашата земја имаше многу промени особено во спортот. Многу настани беа откажани, во 2020та имаше само 2-3 натпревари каде нормално не беше можно да се постигнат врвни резултати. Условите за тренинг беа многу тешки, теретаните, спортските сали, стадионите беа затворени, можев да тренирам само на домашни услови бидејќи имавме и полициски час. Тоа влијаеше многу, но, кога беа олеснети мерките почнав да ги користам максимално условите за тренинг. Во 2021 ги постигнав најдобрите резултати во мојата кариера, национален рекорд и Европска норма за сениори, а истовремено и прво место на Европскиот Куп во Кипар, ни рече Ислами, која во моментот е на подготовки за зимската сезона и за настапи во сала, за Балканијада, а догодина ја чекаат и Светски шампионат во САД, Европско атлетско првенство во Германија и Медитерански игри во Алжир.

Корона вирусот и пандемијата донесоа многу промени, но и многу повеќе трошоци на спортистите. Тестирања, витамини, тешки патувања.

-Имав дополнителни трошоци бидејќи каде и да се патуваше требаше да се направи ПЦР тест, но тие ги покриваше Атлетската федерација. Плус ситни, но постојани трошоци за маски, средства за дезинфекција и сите нови потреби произлезени од короната, ни рече атлетичарката Ислами.

-Единствено патување и натпревар во странство го имавме во последната сезона 2020/21 и тогаш гостувавме во Украина, во европски куп. Немаше авиони, па моравме да организираме автобус кој на долги релации е поскап од авион. Патувавме 28 часа за да стигнеме до градот Лвов во кој гостувавме во 1/16 од ракометниот европски куп. Трошоците беа огромни, но најмногу плативме за ПЦР тестирање. Само за тој еден меч, поради европските правила за често тестирање пред спортски натпревари потрошивме повеќе од илјада евра за ПЦР тестови. На тоа треба да се додаде превоз, трошоци при превоз и се останато, а на крај излегува голема сума за помали клубови со помала финансиска инфраструктура, ни изјавија од ЖРК Куманово.

ТИШИНА НА ТРИБИНАТА, КОРОНА-СТОПИРАЊЕ НА СПОРТОТ

Како и во сите држави, така и во Македонија државата почна да применува повеќе мерки за заштита и за помош на економијата. Во два наврати беа донесени и понудени мерки со помош за спортот, спортистите, клубовите и федерациите. Помалку атрактивни спортови и претходно имаа проблеми со финансирањето, но корона мерките ги принуди и побогатите спортови да го „почувствуваат“ тој проблем.

-Спортските клубови не можеа да ги реализираат целосно програмските активности за подготовка и тренинзи. Одеднаш се замре, скоро сите домашни и меѓународни спортски натпревари во пролет 2020-та година беа одложени, односно не се одржаа. Во 2021-ва, мал дел на спортски настани се одржаа под посебни протоколи за заштита од Ковид. Отежното се одвиваа организирање на натпревар или турнир поради протоколите за заштита од Ковид. Честите забрани за користење на спортските објекти го отежнуваа континуитетот на спортистите и работата на спортските клубови и на Националните спортски федерации, ни вели Наумче Мојсоски, директорот на државната Агенција за млади и спорт (АМС).

Мојсоски е назначен за директор во октомври 2020-та, откако се пензионираше по активна ракометна кариера во Македонија, во странство, но и во репрезентацијата во која членуваше за време на најголемите успеси, меѓу кои и 5-тото место на Европското првенство во Србија во 2011-та.

Атлетичарката Дрита Ислами успеа да го собори националниот рекорд во 400 метри со пречки. И тоа двапати, во мај и во јуни 2021-ва. Претходно, Ислами мораше да ги преживее полицискиот час, затворените теретани и забранетите тренинзи, се поради корона

Не го напушти ракометот, па беше дел од раководството на клубот во родната Струга. Короната донесе затворање насекаде, последен пат пред да ја добие државната функција, како спортски функционер го видовме на скопскиот меѓународен аеродром. Беше со двајца ракометари од Црна Гора, кои клубот Струга ги ослободи лани во април и едвај успеаја да си заминат во татковината преку воздушните мостови за евакуација. Во есен, 2021-ва од позиција на државен функционер објаснува кои мерки се донесени за помош на спортот во време на корона.

-Со првиот пакет мерки владата определи финансиска поддршка во мај 2020,  во висина од две плати за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската администрација, Таа плата беше во износ од 14.500 денари месечно за два месеци. Агенцијата за млади и спорт за сите спортски клубови кои имаат младински категории им исплати еднократно финансиска помош за истите месеци април и мај 2020-та год, во вкупен износ од 29.000 денари. Директно од Владата на РСМакедонијаоваа година пак во месец април 2021 се исплатени 33% од вкупната сума за секој добиен спортски ваучер за 2021 година на националните спортски федерации, спортски клубови и спортистите, истакна Мојсоски.

Платите се едно решение, но трошоците од короната се зголемија дури по триесетина проценти повеќе се трошеше на редовните спортски активности во време на пандемијата. Фудбалската федерација на Македонија кажа дека најголеми пари се дадени за тестирања кои беа задолжителни.

Прволигашите сами си плаќаа тестирање. Клубовите не плаќаа котизација во лигата бидејќи веќе беше воведено таа ставка да се покрива преку продажбата на ТВ правата за првата лига, ни изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ

НАМЕСТО ЗА ФУДБАЛЕРИ, ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПЦР ТЕСТОВИ

-Само за ПЦР тестирања федерацијата исплати 520.400 евра. Со тие пари се тестираа репрезентативците пред сите натпревари, судиите и делегатите пред натпреварите во првенствата, стручните штабови на репрезентациите. Сето тоа беше обврска од корона мерките. Прволигашите сами си плаќаа тестирање. Клубовите не плаќаа котизација во лигата бидејќи веќе беше воведено таа ставка да се покрива преку продажбата на ТВ правата за првата лига, ни изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.

Тоа, се само трошоците за највисокиот ранг во машкиот фудбал, или помош дадена на тоа ниво на фудбалот. Дополнително се зголемуваа трошоците со средства за дезинфекција, повеќе редари на натпревари, автобуси за превоз со половина капацитет.

-ФФМ како помош ги покриваше трошоците за превоз на женските и на младинските фудбалски клубови. Сите 15 женски фудбалски клубови добија по 10 илјади долари како помош, а ФФМ ги плати и нивните ревизорски извештаи. На младинските прволигашки и второлигашки клубови ги покривме сметките за тестирање. Успеавме да обезбедиме и донации за здравствените институции, три болнички комбиња вредни 150 илјади евра се донирани на градската хируршка болница во Скопје. Донации во медицински средства упативме и до болниците во Куманово и Кичево, ни објасни Андоновски.

Копачките и топката се во собата секогаш подготвени за акција.

Но, најлошо поминаа младите па така и иднината на македонскиот спорт и фудбал. Ненад Цветанов е татко на 13-годишен младинец во фудбалски клуб во Скопје, а неговиот син веќе 19 месеци нема натпревари во лига.

-Детските лиги со почетокот на корона кризата лани во март се во прекин и нема натпреварувачки карактер. Во мај, почнаа со тренинзи но оттогаш немаат лигашки натпревари туку само пријателски средби. Го гледам дека е заинтересиран за фудбалот, ама оваа долга пауза влијае на мотивацијата бидејќи сега ја немаат таа дружба, тие контакти и пријателства кои се одлика на детските лиги. Го нема ниту тој дух, таа „борбеност“ кога во сабота го носам на пријателските мечеви затоа што нема веќе натпреварување кој е подобар, ни рече Цветанов.

На средина на октомври владата ги олесни мерките и дозволи да се играат натпревари во младинските лиги, но најмлади кои имаат лигашки дуели се децата од генерација 2005/06. Бидејќи веќе се во школо под корона мерки, а се дружати надвор од часовите и тренинзите, мерките за задолжително тестирање беа укинати.

-Тоа беше направено по препорака на АМС за да не дојде до прекин на националните првенства за млади под 18 години, поради финансиските потешкотии за правење на ПЦР тест пред секој натпревар на клубовите, истакна Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

-Огромни текстонски проблеми и катастрофа за иднината на фудбалот, така го опишувам влијанието на пандемијата врз младите категории откако младинските лиги беа сопрени по донесените мерки од владата. Дури и координаторот за младински фудбал Зоран Стратев постојано потенцира дека отсуството на младинскиот фудбал е надвор од модерната логика на тренажниот процес и силно ќе влијае врз идните репрезентативни генерации, објаснува Златко Андоновски од ФФМ кој потенцира дека најголемиот репрезентативен успех беше токму во 2021-ва со настапот на Европското фудбалско првенство.

Мерките удрија, но никој не реши да издвои за младите генерации за да овозможи развој и фер однос кон младите фудбалери.

-Решение е да се прават анти корона тестови, како што е кај професионалците. Но, нема иницијатива. Ако треба родителите да плаќаат еднаш пред натпревар сепак тоа е скапо по 100-тина евра месечно само за тестирања. А спортот има големо значење и за физичкиот развој, но и за социјалните релации. Со короната изгубија две години, две генерации заостануваат во фудбалскиот развој, објаснува Ненад Цветанов, татко на 13-годишен фудбалер.

МИЛИОНИ „УФРЛЕНИ“ ВО СПОРТОТ АМА СЕПАК МАЛКУ

Финансиските проблеми само се таложеа, а се намалуваше и стеснуваше начинот како да се заработи. Без публика, нема платени карти, нема ни заработка.

-Иако малубројна и до 500-тини гледачи, сепак, за нашиот ракометен клуб, публиката и картите покриваа трошоци барем за превоз. Во пандемијата ем не продававме карти ем плаќавме автобуси наместо комбиња и скокаа трошоците. И двете плати за ракометарките кои ги даваше државата испаднаа помали од најавеното затоа што од тие 14.500 денари беше наплатен данок, ни објаснија од женскиот ракометен клуб Куманово.

Од АМС потврдуваат дека помошта била планирана во бруто износ и на крај на сметка на спортистите се исплатени по 13.050 денари. Таква помош добиле 859 спортисти два месеци во низа или вкупно се исплатени 24.911.000 денари (околу 405 илјади евра). За младинските категории се исплатени сити суми во ист двомесечен период (април-мај 2021-ва) на 586 клубови или се дадени околу 17 милиони денари (околу 276 илјади евра).

За ваучерите, односно издвојување преку спонзори кои добиваат даночни олеснувања, владата имаше поинаква одлука. За 2021-ва одлучи третина од вредноста на спортските ваучери да ги плати од државниот буџет. На листата има вкупно 664 клубови, најмноги и најмалку со спортски ваучери добиваат фудбалски клубови, но, на сосема различно ниво на натпревари. Тетовска Шкендија имаше спортски ваучер од 10,8 милиони денари од кои 3.600.000 денари исплати државата (околу 60 илјади евра). Најмали ваучери од по 20.000 денари имаа клубови како ФК Млекар или ФК Орашац (АМС им исплати третина или по 6.667 денари).

https://drive.google.com/file/d/1g__5sstzT6lW72-ArQgWKDWqymmhxSkG/view

-Спортот претрпе многу поради короната, освен што имаше неколку месечна пауза и спортот целосно запре, потоа немаше публика, а и новинарите беа лимитирани на спортските арени. Секако дека не е лесно да се оди на натпревар во сала, кога има пандемија, но спортот без навивачи едноставно не беше истиот. Разликата што ја прават навивачите е огромна. Ние како новинари требаше исто така да се привикнеме на строги протоколи и контроли за влез во арените, констатираше спортскиот новинар Бранко Казаковски.

Дрита Ислами пак е на подготовки за новите атлетски предизвици. Се надева на подобрување.

-Моментално е добро, може да се тренира слободно било каде, во групи, во затворени простории. Сега нема проблем. Се надевам вака ќе продолжи и нема да имаме некои нови мерки во зимскиот период, а напролет и на лето пак ќе има атлетски големи натпревари, ни рече Дрита Ислами атлетската рекордерка која во пандемијата двапати го „спушти“ националниот рекорд.

Пандемијата ги нацрта границите и бариерите на спортот во Македонија, но многумина успеаја да го урнат корона –ѕидот, меѓу нив најмногу го урна младиот олимпиец Георгиевски чие сребро донесе големи радости во новото време кое сите сакаме побрзо да го испратиме.

(Овој текст е изработен како заеднички проект помеѓу Vijesti.me од Црна Гора и весникот “Коха” од Македонија)