Премиерот Димитар Ковачевски очекува добра соработка со претседателот на државата

44

Премиерот Димитар Ковачевски очекува добра соработка со претседателот на државата Стево Пендаровски, а најави и конструктивна соработка со сите чинители во општеството како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата.

По денешната средба со претседателот на државата, Ковачевски во изјава за медиумите порача дека целта на новата Влада е да одговори соодветно на енергетската криза и да обезбеди услови за подобар живот на граѓаните.

– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлуки ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот што заеднички ќе се стреми низ независни институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните, рече Ковачевски.

Како прв клучен приоритет го посочи справувањето со енергетската криза, а вети и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите и реализација на големите инфраструктурни проекти коишто веќе се одобрени во Буџетот за 2022 година. Стратешка цел остануваат и евроинтеграциите.

– Од денеска секоја минута од нашето време им ја посветуваме на клучните прашања од интерес на нашите граѓани. Токму затоа инсистирам во неколку наврати дека нашиот фокус е ставен на економскиот развој на земјата и подобрување на животниот стандард. Како прв човек на новата Влада за моја задача и одговорност ја поставив конструктивната комуникација и соработка со сите чинители во нашето општество како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата. Новата Влада ќе биде високопродуктивна во работењето посветена на поставените високи цели за кои сум сигурен дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, рече Ковачевски по средбата со претседателот Пендаровски.