350 илјади луѓе ширум светот се заразени со ковид-19

11

Според најновите податоци до 13 часот, во светот досега се регистрирани 350.452 луѓе заразени со коронавирус. Од нив починати се 15.315, а оздравеле 100.354 лица.

Во Италија, европското жариште на коронавирусот , бројот на заразени достигна речиси 60 илјади , а регистрирани се 5476 починати лица. Таму утринава пристигнаа 50-тина доктори од Куба кои ќе им помагаат на италијанските колеги да се справат со пандемијата, а се очекува да стигнат и девет руски авиони со 100 вирусолози и инфектолози, како и медицински средства.

Во Шпанија, пак рапидно расте бројот на починати – во изминатите 24 часа како резултат на инфекција со коронавирус, починале 462 лица, што е најголем број на смртни случаи во еден ден откако се шири вирусот во земјата. Вкупниот број на починати од Ковид-19 сега е 2.182, а потврдени се повеќе од 33.000 случаи на зараза.

Во Кина и натаму има најголем број заболени – 81.093, при што 72.703 оздравеле, а 3.270 починале. Во континенталниот дел на Кина забележан е пад на бројот на новозаразени со коронавирус, а денеска се воведени нови мерки за заштита од заболените кои доаѓаат од странство -Се предвидува сите патници кои ќе дојдат од странство да бидат тестирани за коронавирус.

Од земјите во регионот, најмногу (пет) лица починаа во Албанија, по неа следи Романија со четири жртви и Бугарија и Словенија со по три. Во Србија починаа две, а во БиХ и Црна Гора по едно лице.

СПОДЕЛИ