416 лица од 1.203 новозаболени од ковид-19 за минатата недела се од 20 до 39 години

18

Најголемо зголемување на бројот на новозаболени од ковид-19 за периодот од 28 септември до 4 октомври се бележи во возрасните групи од 20-29 години и 30-39 години, за 60% односно 46,1%, соодветно, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје. Министерството за здравство соопшти дека за тој период тестирани се 9.832 материјали, или 2,1,5 % повеќе во однос на минатата недела, пишува Сакамдакажам.мк

Регистрирани се 1.203 нови позитивни случаи од 31 град во државата, што претставува зголемување од 35,5 % во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (519; 43,1 %), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192,3 на 100.000 жители.

Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12.2 % или 3 % повеќе во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7,1 % повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле над 60 години, а 6 лица на возраст од 50-59 години. 29 од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (239, 19,9 %). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (220; 18, 3 %), 50-59 (200; 16,6 %), 30-39 (222; 18,5 %) и 20-29 (194; 16,1 %). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (38; 3,2 %) и 10-19 години (90; 7,5 %).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (1074; 89,3 %), регистрирани се 142 (13,2 %) хоспитализирани, а кај 280 (26,1 %) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број на нови случаи во периодот 28 септември-4 октомври, 403 (37,6 %) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 (3 %) лица со историја на патување во последни 14 дена.

По добиени 2 негативни теста, како оздравени се водат 786 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување од 10% во однос на претходната недела.