5 рецепти за јадења без масло: Вака се пости првата недела од Велигденскиот пост

72

Започнаа Велигденските пости. Најстрог и најдолг е Велигденскиот (или Великиот пост, како што го вика народот) кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.

Велигденскиот пост е многу построг од божиќниот пост, затоа скоро целиот е заснован на јадења без масло.

Вчера беше Чист понеделник, денот кога почнува големиот велигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се бањаат, шишаат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

Во текот на оваа недела се препорачува пост, солзи, молитви, покајание, чистење на телото и душата, како и одрекување од грев и страст, за да можеме достојно да се поклониме на крстот.

Ова недела се нарекува Тодорова недела.

Ви ги предлагаме следниве 5 рецепти:

Варен грав

Потребни состојки: 1 кромид, 2 чешниња лук, 2 моркови, 2 пашканати, 300 г бел грав, сол, бибер и ловоров лист.

Начин на подготовка: Потопете го гравот во вода и ставете го на рингла да зоврие. Кога ќе зоврие, порцедете го и фрлете ја водата, а во садот наполнете друга, чиста вода. Потоа додајте ги исецканиот кромид, лук, морков и пашканат и оставете да се вари околу еден час. На крајот, во варениот грав додајте зачини и тргнете го од ринглата.

Ориз со печурки

Потребни состојки: 200 г печурки, 1 чаша (од 200 мл) бел ориз, 1 кромид, 3 чешниња лук, 1 корен магданос, вода, сол, бибер, мајчина душица и буковец.

Начин на подготовка: Со многу малку вода варете ги лукот и кромидот па додајте ги печурките. Кога печурките ќе омекнат, додадете го претходно измиениот ориз. Додајте ги зачините: магданос, буковец, мајчина душица,сол и бибер. Потоа залиете со вода и оставете да врие. Повремено промешувајте, додека оризот целосно не ја апсорбира водата. По неколку минути, тргнете го садот од врелата рингла и сервирајте.

Пита со компир и спанаќ

Потребни состојки: 4 поголеми компири, 200 гр. спанаќ, 1 главица кромид, кори за пита, сол и кисела вода.

Начин на подготовка: Сварете го излупениот компир и на крај додајте го спанаќот. Кога сè ќе биде убаво сварено, процедете и испасирајте. Додајте зачини и свеж, исецкан кромид. Кога смесата ќе биде готова, филувајте ги корите. На секоја кора ставете малку кисела вода, потоа над неа ставете друга згужвана кора на која, исто така, ќе ставете малку кисела вода и фил. Виткајте ги корите во ролни и редете ги во тава за печење. Печете на 180˚ околу половина час. Цел на постот е да ги прочистите вашето тело и душа. Се препорачува да јадете свеж зеленчук и овошје, без термичка обработка и да пиете многу вода.

Чорба од домати

Потребни состојки: 1 кромид, 1 голем морков, 1 корен од магданос, 1 компир, 500 мл сос од домати, сол, бибер и магданос.

Начин на подготовка: Варете го зеленчукот со малку вода, а потоа испасирајте го. Додадете го сосот од домати и зачините, варете уште десетина минути. Пред крај, додајте го магданосот.

Пита со јаболки

Потребни состојки: 500 г готови кори, 500 г рендани јаболки, цимет, шеќер, ореви и сок од портокал.

Начин на подготовка: Изрендајте ги јаболките, додадете цимет и шеќер, и варете ги со малку вода на рингла. Потоа додајте ги оревите, (можете и сушено грозје) и филувајте ги корите. На секоја кора ставете по малку сок од портокал, потоа од филот со јаболки и завиткајте во ролна. Редете ги во тава за печење и ставете им малку кисела вода. Печете на 180˚ околу 20 минути.