70 проценти од пациентите заразени со омикрон немаат проблеми со дишењето

5

Во страв од брзината на ширењето на новиот сој на коронавирусот, надеж даваат податоците од јужноафриканската престолнина Преторија што покажуваат дека 70 отсто од пациентите заразени со омикрон немаат проблеми со дишењето, но експертите стравуваат од последиците од многуте случаи што оваа варијанта може да ги донесе, пишуваат светските агенции.

Според Светската здравствена организација (СЗО), варијантата омикрон до средата е откриена во 57 земји, со зголемување на бројот на случаите во јужна Африка.

Некои здравствени експерти велат дека добрата вест е тоа што првите луѓе за кои се знае дека биле заразени со омикрон имале благи симптоми на ковид-19, иако предупредија дека сè уште е рано да се извлечат цврсти заклучоци за најновата варијанта на коронавирусот, категоризирана од Светската здравствена организација како загрижувачка.

„Дури и ако сериозноста на болеста е еднаква или потенцијално дури и поблага отколку со варијантата делта, се очекува хоспитализациите да се зголемат доколку се заразат повеќе луѓе и ќе има временско растојание помеѓу зголемувањето на инциденцата на случаите на болеста и зголемувањето на инциденцата на смртност“, се вели во неделниот извештај на СЗО објавен во средата, според Ројтерс.

Во извештајот, пак, објавен од страна на Јужноафриканскиот совет за медицински истражувања за време на викендот се вели дека повеќето пациенти во болницата во Преторија, за кои се верува дека се инфицирани со омикрон, не биле хоспитализирани поради ковид-19, туку од друга медицинска причина. Од 42 пациенти, околу 70 отсто немаат проблеми со дишењето и немаат потреба од кислород, пренесува германската новинска агенција Дпа.

„Ова е слика што не е видена во претходните бранови“, се вели во извештајот. Дури и во почетокот на претходните бранови, повеќето хоспитализирани пациенти со ковид имаа проблеми со дишењето. Сепак, потребно е повеќе време за целосно да се одговори на прашањата за сериозноста на ковид-19 предизвикан од новата варијанта омикрон.

Главниот епидемиолог во Калифорнија, д-р Ерика Пан, ја радува оваа прелиминарна проценка.

„Многу е рано, а популацијата на пациенти е млада, но охрабрувачките рани податоци укажуваат на помали потреби за кислород за пациентите и помала сериозност на симптомите“, напиша Пан на Твитер.

Д-р Ентони Фаучи, главниот медицински советник на претседателот Џо Бајден за пандемијата, во интервју за Си-ен-ен го нарече извештајот за Јужна Африка „охрабрувачки“, но додаде дека „навистина треба да бидеме внимателни пред да донесеме какви било заклучоци дека болеста е помалку сериозна, или дека навистина не предизвикува некоја тешка болест во споредба со делтата“.

Новата варијанта „очигледно е многу заразна“, многу веројатно повеќе од делтата, во моментов доминантен глобален вид, изјави Фаучи за АФП.

Но тој истакна дека популацијата заразена со омикрон е млада, така што е помала веројатноста да бидат хоспитализирани. Понекогаш се потребни недели за да се развие сериозна болест, додава Фаучи.

Марија Ван Керхове, епидемиолог во Светската здравствена организација, се согласи дека е премногу рано да се каже дали омикрон ќе резултира со поблаги симптоми на ковид-19.

„Дури и ако се работи за лесна болест, важно е да продолжиме да дејствуваме брзо за да преземеме чекори за контрола на нејзиното ширење, бидејќи дури и да имаме голем број благи случаи, на некои од овие луѓе ќе им треба хоспитализација, интензивна нега и некои луѓе ќе умрат“, изјави таа за Си-би-ес.

„Повеќе случаи би можеле да значат повеќе хоспитализации, повеќе хоспитализации би можеле да значат повеќе смртни случаи и не сакаме тоа да се случи покрај веќе тешката ситуација со делта, која кружи низ светот.“

Едно од најголемите прашања за американските експерти е што ќе се случи кога омикрон ќе ѝ се „спротивстави“ на делта варијантата, која во моментов сочинува 99,9 проценти од примероците на коронавирус анализирани во САД. Не е јасно дали делтата ќе остане доминантен вид или омикронот ќе може да ја истисне.

„Она што сè уште не го знаеме е колку ќе се пренесува, колку добро ќе функционираат нашите вакцини, дали ќе доведе до посериозна болест“, рече д-р Рошел Валенски, директорка на Центарот за контрола и превенција на болести на САД за Еј-би-си.

Останува загриженоста за тоа колку е заразен омикрон.

Иако веројатно е позаразен од претходните варијанти, „малку е веројатно“ дека сојот омикрон целосно ќе ја избегне заштитата што ја даваат вакцините, изјави заменик-шефот на Светската здравствена организација во вторникот за АФП, додавајќи дека нема знаци дека омикрон може целосно да ја заобиколи заштитата што ја даваат постоечките вакцини против ковид.

„Прелиминарните податоци не укажуваат дека предизвикува посериозна болест. Всушност, ако ништо друго, насоката е кон помала сериозност на болеста“, рече во интервју директорот на СЗО за управување со вонредни состојби Мајкл Рајан, инсистирајќи дека се потребни повеќе истражувања.

„Имаме високоефикасни вакцини, кои досега се покажаа ефикасни против сите варијанти, во однос на тешката болест и хоспитализацијата… Нема причина да се очекува дека тоа нема да биде случај тука“, додаде тој за сојот омикрон.

Сепак, Рајан призна дека е можно постојните вакцини да се покажат помалку ефикасни против омикрон, кој има повеќе од 30 мутации на протеинските шилци на површината на коронавирусот, кои му овозможуваат да ги напаѓа клетките.