7

За 10 отсто помалку паркирани возила имало на паркинзите на Општина Центар, откако од 8 јануари поскапеа за 20 денари. Во споредба со бројот на паркирани часови во месец јануари лани оваа бројка годинава е намалена, велат надлежните од претпријатието.

„Очекуваме во наредните два месеца паркирањето да се намали за 20 отсто. Тоа беше наша цел кога ја воведовме новата повисока цена. Ова е прв месец откако е воведено поскапувањето, па има и граѓани кои не биле информирани, а веќе во февруари и март ќе имаме дополнително помал број на паркирани возила“, вели директорот на ЈП Паркинзи Општина Центар (ПОЦ) Васко Кичевски.

Со новиот ценовник, за паркинг на паркиралиштата на ПОЦ се плаќа 50, 60 и 70 денари, во зависност од зоната. Од Општина Центар велат дека ваквата одлука е донесеназа да им се овозможи похумано живеење на жителите на општината, со тоа што би се намалил бројот на паркирани возила во централното градско подрачје.

Поскапувањето се однесува само на паркирањето од час, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ПОЦ остануваат исти.