9 години затвор за Боки 13, за Катица Јанева 7 години во Рекет

Шоуменот и поранешен неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски-Боки 13 за Примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари во случајот „Рекет” неправосилно осуден е на затворска казна од 9 години.

104

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за Злоупотреба на службената положба и овластувањата неправосилно осудена е на 7 години затвор.

Судијката од Основниот кривичен суд Васка Николовска-Масевска ја соопшти пресудата во присуство на Јовановски, кој беше спроведен од притвор, од затворот во Шутка.

Јанева не дојде да ја чуе пресудата. Го известила судот дека не може да дојде на соопштување на пресудата поради здравствени и семејни причини.

Боки 13 и претходно осудениот Зоран Милевски – Кичевскиот беа уапсени на 15 јули 2019 година и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата беа осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 и за кривичното дело Перење пари. Милевски по признанието беше осуден на казна затвор од 3 години, пуштен е од притвор и сега се жали пред Апелациониот суд Скопје.

Поранешната специјалната обвинителка Катица беше обвинета за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Јанева е во притвор од 21 август лани.

Јовановски преку приватни снимки од бизнисменот Орце Камчев, првоосомничен во големата истрага „Империја”, беше пријавен од него дека му зел во три наврати вкупно 1,5 милиони евра, за да му помогне преку Јанева да се спаси од затвор. Парите не беа најдени.

Јанева е осудена дека примила скап тросед и 50.000 евра за да му ја олесни положбата на Камчев во истрагата. Ни тие пари не се најдоа, Камчев од притвор беше пуштен од Врховниот суд, а Јанева се противеше. Ни овие пари не се најдоа.

Истрагата „Империја” не е затворена.