9 луѓе убиени во Германија, осомничениот напаѓач најден мртов во стан (ВИДЕО)

6

Маж осомничен дека смртно застрелал девет лица во германскиот град Ханау е пронајден мртов во неговиот дом рано утрово, неколку часа по нападите во и пред два наргиле-салони, соопшти полицијата.

Полицајците пронашле и друго тело на истата адреса, соопшти полицијата.

Полицијата не даде детали за осомничениот вооружен напаѓач, но рече дека „засега нема индиции за дополнителни сторители“. Тие не дадоа детали за неговиот можен мотив или за тоа како тој починал, и не прецизираа зошто „со голема веројатност“ веруваат дека тој бил напаѓачот.

Бројот на загинатите во синоќешното пукање се искачи на девет, се вели во полициското соопштение.

Германската новинска агенција дпа јави, повикувајќи се на неименувани безбедносни службеници, дека се најдени писмено преземање на одговорноста и видеоснимка, кои полицијата ги испитува.

Весникот Билд објави и дека во возилото на осомничениот била пронајдена муниција.

Полицајците го запечатиле и го претресувале станот во населбата Кеселштат во Ханау, во близина на местото на едно од пукањата, по дојава на сведоци за бегство со автомобил. Полицијата соопшти дека работата за потврдување на идентитетот на двете тела во домот сè уште е во тек и дека не можат веднаш да дадат детали ниту за нив, ниту за идентитетот на жртвите од пукањето.