ДКСК истражува дали имало конфликт на интереси при исплатата на помош за фирма на министерката Ангеловска

14

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе истражува дали има конфликт на интереси при исплатата на помош од владините антикризни мерки за фирма во која сопственик е поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска.

Компанијата во која Ангеловска е ко-сопственик, „Вебспот“ за три месеци од државата добила 11.000 евра.

ДКСК ги проверува критериумите според кои се доделувала економската помош за исплата на плати на фирмите.

Антикорупционерите веќе потврдија дека се истражува и тоа како помош од државата добила и „Брако“, компанија на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска освен за овој случај, посочи и на случајот со компанијата „Еленица“ за семејството Заеви. За опозицијата ова се случаи на очигледна злоупотреба на службената позиција.

Претходно, ДКСК донесе решение дека во случајот со повлекувањето на парите на Нина Ангеловска од Еуростандард банка, неколку дена пред прогласувањето на стечај за банката, нема законски санкции, туку само тоа дека овој случај е проблематичен од етички аспект.