Aзески: Ми беше чест што бев почесен конзул на Црна Гора

5

По повод одлуката на Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Бранко Азески да не биде повеќе почесен конзул на оваа земја, претседателот на Стопанската комора на Македонија ја даде следнава писмена изјава.

„Црна Гора е независна и суверена држава, која согласно Уставот е дефинирана како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото. Иако независноста на Црна Гора е обновена на 3 јуни 2006 година, со истапувањето од државната заедница со Србија, таа претставува една од најстарите европски држави. На овие простори се простирала латинската провинција Превалис, средновековната држава Зета, а денес современата држава Црна Гора, која претставува своевидна раскрсница на која се испреплетени повеќе историски случувања, народи и култури (илирска, словенска, византиска, турска), како и религии (христијанска и исламска), кои оставиле свои траги до денешен ден.

Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, ана компаниите поголем профит“, се вели во изјавата на Азески кој функцијата почесен конзул на Црна Гора ја извршуваше од 2 јуни 2016 година.

Владата на Црна Гора го отповика почесниот конзул затоа што се обидел да ги омаловажи и компромитира највисоките власти во Црна Гора презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата, објави весникот Дан. Според одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.

Исто така, појаснето е дека безбедносните органи особено ги забележале разговорите на Азески со истакнати бизнисмени од различни сфери, при што тој се обидел, како што е наведено, да ги омаловажува и компромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи ги неговите лични забелешки и предвидувања во врска со работата на Владата на Црна Гора.