Можностите за извоз во Европската Унија се максимално пополнети затоа мора да се бараат нови земји каде би ги пласирале нашите производи според квалитетот и цената. Тоа се државите од Северна Африка и поранешните советски републики, а треба да се направат и напори за заеднички настап на третите пазари во рамките на иницијативата за коморско здружување во Западен Балкан, како и заеднички настапи на саемските манифестации, истакна претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Азески, кој воедно е и претседател на Националниот совет за извоз (НСИ), на денешната Петта седница на НСИ што се одржува во просториите на Комората, нагласи дека со овие земји треба да се склучат договори за слободна трговија за да се диверзифицира извозот.
-Целта ни е методолошки да одиме на имплементацијата и тука да ги решаваме проблемите со нови алатки, нови инструменти коишто ќе ги воведеме. Мислам дека во Македонија на секој му е доволно јасно што значи извозот и тоа не треба да се експлоатира, тоа е завршена работа. Без извоз Македонија не може да егзистира понатака. А како ќе го зголемиме тоа е цел на ова тело. Капацитетот на Советот на овие пет седници покажа дека е на ниво на задачата. Мислам дека е голема работа самиот факт што ние знаеме што е извоз и знаеме што треба да направиме понатака во делот на имплементацијата, рече Азески на седницата.
Во рамките на проектот на УСАИД во кој функционира НСИ, како што посочи, предвидено е до крајот на годинава да се формира Институт за извоз, кој, како што кажа, преку неформално образование ќе помогне да се создадат специјализирани кадри, практичари и менаџери кои му се потребни на домашното стопанство за да го зголеми извозот.
-Причината за тоа е проста. Во моментов 70 до 80 отсто од македонскиот извоз оди кон ЕУ, а од тие 70 до 80 отсто одат кон само една земја, а тоа е Германија. При тоа 70 до 80 отсто од вкупниот извоз од земјава го прави само една фирма Џонсон Мети. Тоа во моментов функционира, но мора да се прави диверизификација. Ќе и предложиме на Владата да имаме посебен третман во првите 10 земји во кои извезуваме во нашите дипломатски активности и во опременоста на ДКП-ата за на тој начин да ја подигнеме економската размена со тие земји, рече Азески.
На сите партии кои ќе учествуваат на претстојните избори им порача дека приоритет треба да им биде економијата и интензивирањето на извозот и додаде дека на бизнисот му треба владеење на правото и намалување на корупцијата за да можат да се постигнат конкурентни цени со кои ќе можеме да се натпреваруваме и надвор од државата.
Ќе бараме и директна поддршка на извозниците и контрола на субвенциите, како и поголемо внимание за земјоделството и туризмот, рече Азески.
Покрај тоа, како што кажа, ќе предложат со државните политички делегации на премиерите од земјите на Западен Балкан да учествуваат и претставници на бизнис заедниците од шесте земји.