Од почетокот на годинава заклучно со 19 декември домашното производство на електрична енергија од ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ е зголемено за 26 проценти на 3.946 гигават часови. За споредба во истиот период во 2021 година, ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ произвеле 3.130 гигават часови на електрична енергија, информира денеска на прес-конференција Виктор Андонов, советник за енергетика во Владата.
Се очекува до крајот на годината производството на електрична енергија од ЕСМ и ТЕЦ „Неготино“ да надмине 4.100 гигават часови на електрична енергија, што, според Андонов, ќе значи остварување на целите што Владата ги постави на почеток на енергетската криза.
Енергетски биланс за вчерашниот ден покажува дека вкупното производство на електрична енергија изнесува 17.385 мегават часови, од кои во термоелектраните се произведени 11.897 мегават часови електрична енергија, а од обновливи извори во кои спаѓаат хидроелектраните и Ветерниот парк Богданци 5.488 мегават часови на електрична енергија.
Како што рече Андонов, со ова производство во целост се задоволени потребите за домаќинствата и малите потрошувачи, додека се набавени 1.120 мегават часови електрична енергија за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбениот сектор и објекти од витална инфраструктура во државата.
– Од секојдневните прегледи може да се заклучи дека домашното производство е во пораст, додека набавките се намалуваат. Енергетскиот систем во моментот е стабилен, рече Андонов, повторувајќи ги апелите за рационално користење на електричната енергија.