недела, декември 8, 2024
0.8 C
Skopje

Битиќи од чешко-македонскиот бизнис форум во Битола: Северна Македонија е стабилен и доверлив партнер за инвеститорите

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се обрати на чешко-македонскиот бизнис форум што се одржа во Битола, а на кој учествуваа претставници на Сојузот на индустријата и транспортот на Чешка и претставници на регионалната Стопанска комора.

Според вицепремиерот Битиќи, билатералните односи меѓу Северна Македонија и Чешка се засноваат на традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање.

-Она што радува, е тоа дека не зборуваме за декларативна поддршка и соработка, туку за конкретна во повеќе области. Овие димензии треба да ги искористиме како цврста основа и за продлабочување на економската соработка, за дополнително унапредување на трговската размена која меѓу двете земји бележи растечки тренд, односно од 277 милиони евра во 2022 година, трговската размена во 2023 година се зголемува на 372 милиони евра, посочи вицепремиерот Битиќи.

Пред стопанствениците од битолскиот регион, вицепремиерот Битиќи потсети дека постојат неколку сектори кои создаваат можности за компаниите од двете земји да го препознаат својот заеднички интерес, пред се енергетскиот сектор, транспортот и транспортната инфраструктура, ИКТ, земјоделството и прехранбената индустрија.

-Можностите се широки. Северна Македонија нуди стабилно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување и за отпочнување на водење на бизнис, за реализација на нови инвестиции. Политичката стабилност е еден аргумент кој го нудиме на странските инвеститори. Ние сме полноправна членка на најголемиот и најмоќниот безбедносен сојуз на светот, НАТО, а посветени сме на патот да станеме земја членка на ЕУ. Овие наши политички определби сигнализираат посветеност на демократските принципи, кои влеваат доверба кај бизнисмените. Нашата стратешка позиција, рече Битиќи, близината до европските пазари и инфраструктурното поврзување кое го имаме со нив, овозможува брзо прилагодување на пазарните промени или шокови.

Битиќи на гостите од Чешка им порача дека имаме локација на која, како што рече, доколку се одлучат да инвестираат ќе им го забрза транзитот од производството до нивните крајни клиенти.

Форумот во Битола се одржа во рамки на официјалната посета на министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела во земјава, кој беше запознат и со условите за бизнис, за имплементацијата на Националниот механизам за скрининг, а исто така и јавно поканет Чешка да ги истражи и искористи можностите што Северна Македонија им ги нуди на странските инвеститори за реализација на претприемачки амбиции.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови