четврток, декември 5, 2024
6.8 C
Skopje

Бојмацалиев и Тасевски во посета на САЕ „Тигар“

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска биле во работна посета на Специјалната антитерористичка единица „Тигар” во касарната Илинден, каде што оствариле средба со раководството на Одделот за специјални полициски операции и раководството на оваа елитна специјална единица -САЕ Тигар при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР.

Како што наведува во соопштение прес-службата на МВР, на средбата станало збор за писмената реакција упатена од страна на припадниците на оваа организациска единица до министерот и дополнителниот заменик министер, а во врска со  „непримерната“ снимка објавена  на сајтот на Министерството за внатрешни работи при реализација на вежба од страна на Единицата за интервентна полиција (ЕИП), каде се прикажува апсење на лице кое носи маица со амблем на САЕ „Тигар“ од страна на припадник на Единицата за интервентна полиција.

-Целиот свој живот сум го поминал покрај униформа. И денеска, од оваа позиција кога работам со вас, униформата за мене е нешто најсвето, истакнал Бојмацалиев на средбата со раководството на САЕ „Тигар”.

Бојмацалиев, се наведува во соопштението, беше категоричен дека не смее да постои ривалство и понижување помеѓу единиците во МВР, бидејќи имплицира загрозување на безбедноста на граѓаните.

-Ние сме тука да го одбраниме угледот и честа на сите, бидејќи вие сте гордоста на нашата држава, рекол Бојмацалиев.

Упатил порака дека тој и директорот Тасевски секогаш се достапни за комуникација со секој  припадник на Единицата  и дека очекуваат максимална професионалност и посветеност како и досега кога станува збор за безбедноста и  заштитата на интересите на граѓаните и на државата.

Меѓу другото, Бојмацалиев и Тасевски беа информирани за тековните активности на Единицата, а стана збор и за организацијата на Денот на САЕ Тигар.

Во посета на САЕ „Тигар“, како што соопшти претходно МВР, денеска бил и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови