Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики за добро управување, Арбен Фетаи, денеска примил делегација од Партнерството за отворена влада (OGP), предводена од Пол Брејтвеит, регионален менаџер за Европа.
За време на средбата, како што соопштија од Кабинетот на Фетаи, се дискутирало за борбата против корупцијата и зајакнување на транспарентноста како темел на доброто управување.
Заменик-претседателот Фетаи ги претставил приоритетите на својот кабинет, со посебен акцент на раководењето со Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата и следење на конкретните институционални резултати. Тој ја истакнал важноста од зголемување на транспарентноста, особено во однос на пристапот до податоците за вистинската сопственост на компаниите.
На средбата Брејтвеит ја изразил поддршката на платформата OGP за владините реформи преку споделување на добри практики и меѓународна експертиза.
– Двете страни се согласија да ја продлабочат соработката, со цел создавање основа за ефикасно следење на случаи на висока корупција и наоѓање законско решение што ќе овозможи објавување на вистинските сопственици на компаниите кои добиваат јавни тендери, во согласност со најдобрите европски практики, соопштија од Кабинетот на Фетаи.