Се очекува томосот на Цариградската патријаршија за автокефалноста на МПЦ да стигне по изјаснувањето на уште неколку помесни цркви на кои не им пречи нашето име, изјави владиката Петар при денешното чествување на празникот „Свети Никола“ во Прилеп. По томосот од Цариград, ќе следи признавањето на другите цркви кои имаат проблем со името, смета владиката Петар.
-Тоа не зависи од нас, туку од Цариградската патријаршија. А кога и како тоа ќе се случи… најверојатно откако ќе заврши признавањето на нашата црква од речиси сите помесни православни цркви, освен оние на кои им пречи нашето име – Македонска православна црква. Тогаш на ред и во Цариград ќе дојде решавањето на нашата православна црква, односно давањето на томосот за кое нешто очекувме дека ќе се случи колку што е можно поскоро, бидејќи досега сме од пет, речиси од шест Цркви признати како автокефална фрква. Очекуваме поскоро да бидеме признаени уште од неколку цркви на кои не импречи името на нашата Црква, а потоа, се разбира, ќе следува признавањето од Цариградската патријаршија. Досега нема никакво навестување од Цариград и не очекуваме. Остануваат уште три до четири цркви кои не би биле против и не им пречи нашето име, а на останатите на кои им пречи, секако, нема да не признаат како автокефална пред да донесе томос Цариградската патријаршија. Тоа се црквите од грчкото јазично подрачје, изјави владиката Петар.
За него е политичко решение одлуката на Бугарската православна црква која по прифаќањео на томосот на СПЦ за автокефалноста, да изрази препорака прашањето за официјалното име да се реши во братски дијалог со помесните цркви. Особено што името на поглаварот на охридската архиепископија г.г Стефан, Светиот синод на БПЦ вели да се споменува како архиепископ на Северна Македонија.
-Не можам поинаку да го разберам освен како политичко решение. Ние мора да признаеме дека нашето прашање за афтокефалност на МПЦ уште од најрано време сум потенцирал и сега потврдувам дека било исклучиво политичко прашање, а не канонско прашање. А сето она што таму се коментира дека сме станале канонска црква, ние никогаш не сме отстапиле од каноните на православната црква. Но, факт е дека, името наше, што своевремено кажа првиот академик на МАНУ, Блаже Конески, е големо и ќе сакаат да ни го земат. Тоа е проблемот на нашата држава, на нашата нација, тоа е проблемот на нашата Црква. И во тој дух ова прашање го коментирам само како политичко решение и политичка одлука, рече владиката Петар при денешното одбележување на празникот на Прилеп – Свети Никола.