Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат во Собранието – ова според неофицијалните информации, е една од одлуките кои проширениот ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја донел на синоќешниот состанок, потврдуваат повеќе функционери на партијата присутни на состанокот за ТВ 24.
Неофицијално, дел од членовите на ИК биле за партијата да го напушти Собранието, но аргументите на останатите, меѓу кои и дел од пратениците кои вчера биле присутни се дека – ако ВМРО-ДПМНЕ излезе од Собранието остава „бришан простор“ власта преку ноќ да ги помине сите закони, за кои тие сметаат дека се штетни за граѓаните и државата, меѓу кои и Законот за ЈО.
Официјално од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачуваат дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи развојот на ситуацијата и ќе реагира во, како што велат, одбрана на демократијата, интересите на граѓаните и државата“.
„Државата не смее да биде заложник на личните интереси на поединци на власта како и стравот од одговорност на оние кои се огрешиле пред законот. 12 април е денот кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев“, пишува во партиското соопштение.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред состанокот на ИК изјави дека тој лично не гледа логика пратениците да останат во Собранието, но дека одлуките ќе се носат на состанокот на ИК.