ВМРО-ДПМНЕ ѝ предлага на Владата да урне уште неколку дивоградби откако, како што велат во партиското соопштение, е откриен идентитетот на инвеститорот на дивоградбата кај „Мавровка“.
ВМРО-ДПМНЕ предлага Владата бесплатно да ги сруши и следниве дивоградби:
1. Дивоградбата на дивата платформа на Матка
2. Дивоградба во близина на Скопското Кале кај касарната „Илинден“
3. Дивоградбата на Нефи и летната тераса кај охридскиот Чинар
4. Дивоградбите вдолж охридското крајбрежје.
„Доколку не го направи ова, Владата покажува дека сето ова е евтин театар. Затоа сметаме дека крими-тендерашката власт на Заев се обидува да направи театар со дивоградбата кај ‘Мавровка’. Вистината е дека токму оваа иста старо-нова власт дозволи дивоградбата да никне на едно од најфреквентните места во Скопје, па со месеци се натегаа чија надлежност е, па бараа преку платени огласи кој е инвеститорот, за сега наводно да поднесуваат кривична пријава и да најавуваат рушење. Сето ова граѓаните ги чинеше и ќе ги чини пари, како преку циркусот со огласи во весници така и преку рушењето со народни пари“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според оценката на опозициската партија, смешна е кривичната пријава откако се дозволи дивоградбата да се изгради.
„Оттука логично се поставува прашањето како и кога се дознал идентитетот на сопственикот на дивоградбата кај ‘Мавровка’? Дали ЈО знаело за ова и зошто чекало толку време? Дали Зоран Заев е вмешан во ова и дали поради откажување на послушност од страна на сопственикот на објектот, Заев го откри сторителот“, се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.