На барање на Обвинителството, битолскиот бизнисмен Сиљан Мицевски, денеска сведочеше во случајот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, преку фалсификувани уплатници.
Бизнисменот Мицевски, кој во медиумите стана познат и по делото „Меѓународен сојуз“, каде првообвинет е Бојан Јовановски, во судницата откри дека му дал десет илјади евра на рака на поранешниот претседател на партијата Никола Груевски. Тој додаде дека, не по негова волја, финансирал и спортски клубови, односно дека му било кажано да донира илјадници евра на КК МЗТ-Скопје.
Сведокот на обвинителката Ленче Ристовска, Мицевски, нагласи дека ја финансирал и кампањата на СДСМ.
Инаку, во случајот Талир обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања” и „перење пари”, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари”. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ, чиј имот е замрзнат.