Две работилници, видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“ и годишен состанок на Мрежата за медиумска писменост, се активностите со кои денеска ќе бидат затворени Денови на медиумска писменост 2024, кои годинава се одржуваа под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“.
Во Хотел Арка со почеток во 10 часот ќе се одржи работилница на тема „Препознавање и одговор на говорот на омраза“, организирана од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и ОБСЕ.
Потоа, од 12 часот, Радио МОФ ќе организира видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“, кој ќе се одржи онлајн.
Во исто време, од 12:30 до 14:30 часот, во Младинскиот центар во Пробиштип ќе се одржи работилница на тема „Лице в лице: Кокреираме приказни“, организирана од Лице в лице и ГРИГ.
Денот и целата програма ќе завршат со годишниот состанок на Мрежата за медиумска писменост, кој ќе се одржи од 14 до 15 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Со бројните работилници, панел-дискусии, конференции и разни онлајн активности, Мрежата за медиумска писменост изминативе денови даде придонес кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост во организација на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО. Темата на ДМП, поврзана со Глобалната недела, гласи „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.