сабота, ноември 15, 2025
-0.2 C
Skopje

Димитриеска-Кочоска учествува на Годишните средби на ММФ и СБ во Вашингтон

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат оваа недела во Вашингтон.

Посетата ќе биде можност Димитриеска-Кочоска на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст, соопшти Министерството за финансии.

Предвидено е министерката да има средби со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. На агендата се средби и со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорката за земјава во СБ Карол Межеван.

Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.

Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови