Директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов (прв од десно), градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и управителот на бугарската фирма кој е дел од структрурата на „Дрисла“ Баже Игнатовски на депонијата на 25 април 2018 година при промовирањето на новата печка за медицински отпад. (Фото: Ѓ.Личовски)
Директорот на депонијата „Дрисла“ Горан Ангелов преку негова фирма во Бугарија „Блацион“ ООД извршил увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија, пишуваат бугарските медиуми. Ангелов е директор на депонијата „Дрисла“ назначен од италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, а оваа функција ја вршеше и кога депонијата беше под надлежност на Град Скопје во мандатот на ексградоначалникот Коце Трајановски. Ангелов беше еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се пријавија на конвенцијата за избор на кандидат на партијата за претседателските избори кои се одржаа лани во мај.
Бугарското Обвинителство веќе отворило истрага за незаконскиот увоз на отпадот од Италија на компанијата „Блацион“ ООД во која управител е Баже Игњатовски, кој исто така е претставник во Собир на содружници на депонијата „Дрисла“. Ангелов, пак, поседува 15 отсто од сопственоста на бугарската фирма.