недела, декември 8, 2024
0.8 C
Skopje

Доделени признанија „Македонски квалитет 2022“: Домашните компании умеат и во кризни состојби

 

Десет домашни компании денеска го добија престижното признание „Македонски квалитет 2022“, кое го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот нa Републиката. Признанијата на наградените компании им ги доделија шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.

Како што информираат од Сојуз на стопански комори, Комисијата согласно прецизно воспоставените критериуми внимателно ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање и одржување на национален бренд. Добитници на признанијата за 2022 година се „Гео мрежа“, „Донирај компјутер“, „Дуна“, хотелите „Климетица“ и „Маива“, „Слога“, „Вита Нова“, „Перпетуумобиле секјурити“, „Бовин“, „Тримекс“ и „Рептил“.

– Денеска сме тука да им оддадеме признание на овие компании кои и покрај силните предизвици успеаја да ја зачуваат деловната активност, да креираат работни места, да создадат додадена вредност и да придонесат за економски раст и развој. За да се опстане на пазарот во екстремно тешки услови какви што денеска постојат  потребна е голема храброст, силен претприемачки дух, големо знаење и вештини за водење бизнис, огромен внатрешен капацитет, кој со гордост може да кажеме дека ги поседуваат претставниците на компаниите кои денеска се тука со нас. Тие докажуваат дека со силната волја и пожртвуваната работа може да се постигне позитивна промена, истакна Ангелоски.

Во знак на одлична соработка и поддршката за унапредување на економското окружување која ја дава претседателот Пендаровски, Сојузот му врачи Признание.

– Во оваа битка за спас на економијата ја имаме поддршката од претседателот Пендаровски што многу ни значи, заеднички реализирајќи многу активности меѓу кои и подготовката на стратешкиот документ Рамката за развој МКД 2030, каде идентификуваме заеднички проблеми и приоритети кон чие остварување треба да се насочат ресурсите во државата во наредниот период. На денешниот настан ние како Сојуз на стопански комори заедно со претседателот Пендаровски уште еднаш ги истакнуваме позитивните и успешни претставници на бизнис заедницата со цел јавно да го валоризираме нивниот труд, да ги охрабриме за нови успеси но и преку нивните позитивни примери да поттикнеме нови генерации на успешни деловни промотори и амбасадори на нашата земја, истакна Ангелоски.

Претседателот Пендаровски упати честитки до компаниите, посочувајќи дека претставува задоволство да се наградат оние македонски брендови кои не правејќи компромис со квалитетот, остануваат доволно атрактивни и за клиентите и за потрошувачите.

– Имајќи ја предвид сложената економска состојба, овие претпријатија не само што не отстапија од својата посветеност на квалитетот, туку со тоа придонесоа и за повисок економски раст, што е национален приоритет број еден. Овој приоритет подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој и нови домашни и странски инвестиции. Многу од овие аспекти зависат токму од подготвеноста на секоја од компаниите да не отстапат од парадигмата на квалитетот и во кризни и во мирни времиња, истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.

Оваа манифестација, како што велат од Сојуз на стопански комори на Македонија, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година.

 

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови