Се разгледуваат неколку варијанти како Комисијата да работи и без претседател, односно седниците да ги закажува потпретседателот на работното тело или претседателот на Собранието Африм Гаши да одреди пратеник што ќе претседава со Комисијата.
Европскиот фронт да достави предлог за нов претседател на Комисијата за социјална политика, по оставката на Илире Даути од местото претседателка на работното тело, откако Собранието ѝ изгласа интерпелација, побара Ѓорѓија Сајкоски, прв човек на Комисијата за избори и именувања. Но, повикот на Сајкоски не значи и дека ќе се одблокира работата на Комисијата, зашто Европскиот фронт нема намера да номинира свој пратеник за тоа место. Се разгледуваат неколку варијанти како Комисијата да работи и без претседател, односно седниците да ги закажува потпретседателот на работното тело или претседателот на Собранието Африм Гаши да одреди пратеник што ќе претседава со Комисијата.
Сајкоски писмено ќе ја извести пратеничката група на Европскиот фронт во рок од седум дена да достават предлог за нов претседател на Комисијата. Во зависност од тоа дали Европски фронт ќе достави предлог, ќе се преземат наредните чекори, вели Сајкоски
-Претседателот на Собранието Африм Гаши на 21 декември достави известување во кое се констататира престанок на функција претседателка на Комисијата за социјална политика на Илире Даути. Собранието ја констаираше оставката на Даути со што на неа и престана функцијата претседател на комисија. Поради ова потребно е да се избере нов претседател. Комисијата за прашања на избори и именувања ќе испрати допис до пратеничката група на Европскиот фронт да достави предлог за нов претседател- информира Сајкоски на Комисијата за избори и именувања.
Од Европскиот фронт велат дека нема да номинираат предлог за нов претседател, бидејќи и тој ќе ја доживеел судбина на Даути. И тие нема да закажат седница за законот за бранителите, по што би следувала интерпелација и за него. Од Европскиот фронт топката ја префрлаат на Гаши и велат претседателот на Собранието да избере претседател на Комисијата. Според нив, претседателите на комисиите се договараат меѓу партиите и се избираат со консензус, па оттука Даути не може да биде разрешена со мнозинство од 61 пратеник. Европскиот фронт го повика Гаши да свика пленарна седница на која би го отповикал заклучокот од интерпелацијата на Даути.
Дека нема да предложат претседател на Комисијата, потврди и претседателот на Алијанса за Албанците и пратеник Зијадин Села во гостување на 21ТВ. Села рече дека претседателот на Собранието треба да свика пленарна седница и повторно парламентот да ја изгласа Даути за претседателка на Комисијата за социјална политика.
– Господинот Гаши да прекине со играње на улогата лицемер, не знам дали глуми лицемерие или е лицемерен. Гаши треба да биде свесен дека за првпат за член на Комисија се бара интерпелација. Гаши можел да не ја стави на дневен ред интерпелацијата за одговорност кон Илире Дуати. Ние не можеме и нема да предложиме друго име за оваа комисија, а Гаши веќе го има нашиот предлог, а тоа е Даути – вели Села.
Малку е веројатно дека заменикот на Комисијата, во случајов Илир Демири, ќе свика седница, бидејќи и тој, како и Даути, е од Алијанса за Албанците. Во случај да не се избере нов претседател на Комисијата и заменикот да не свикува седници, тогаш претседателот на Собранието ќе треба да закаже седница на работното тело и да определел пратеник што ќе претседава.
Членот 126 став 3 од Деловникот вели дека „ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното тело што ќе го определи претседателот на Собранието до завршување на седницата“.