сабота, февруари 8, 2025
-0.2 C
Skopje

Заборавени законски измени ги оставија инспекторите без плата и без надлежности?!

Инспекторатите веќе не се самостојни правни тела, им се укина правниот статус, но никој не ги префрли во соодветните министерства. Вчера на поправен испит, во собраниска процедура влегоа законски измени на истите закони што на почетокот од јануари се менуваа

Градежните, комуналните, сообраќајните, еколошките и разни други инспектори од 15 инспекторати, заедно со административни работници, Новата година ја дочекале без декемвриската плата. Причината за тоа е повеќе од банална – престанал правниот статус на инспекторатите, тие се префрлаат во соодветни министерства, но законската регулатива навреме не е заокружена.

Вчера во собраниска процедура, влегоа измените на Законот за градење, Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за комунални дејности. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Комуналниот инспекторат и Државниот инспекторат за транспорт треба да се префрлат во составот на Министерството за транспорт. Во сите три предложени законски измени има реченица со исто образложение:

„Во оваа насока е неопходно да се изврши предложената измена на Законот за градење, Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за комунални дејности… од причина што вработените треба да се преземат спогодбено во Министерството за транспорт, а со тоа и своите права и обврски како вработени да ги остваруваат преку Министерството, а не Инспекторатот, кој го изгуби својството на правно лице, при што укажуваме дека на вработените не им е пресметана односно не им е исплатена декемвриската плата, а во меѓувреме се појавува и потребата од пресметка за платата за јануари“.

Да биде иронијата уште поголема, овие закони се менуваа на почетокот на јануари, токму за да се укине правниот статус на постојните инспекторати, но префрлањето во Министерството за транспорт се заборави. Со новиве законските измени, како што пишува во образложенијата, треба да се обезбеди и правилно функционирање на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, на Државниот комунален инспекторат и на Државниот инспекторат за транспорт како органи во состав на Министерството за транспорт. Но, што во меѓувреме? Кој врши инспекциски контроли во градежништвото и во урбанизмот?

Законските измени ќе влезат во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“, а во нив пишува: „Вработените, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа, побарувањата и намирувањето на обврските, како и другите средства од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Комуналниот инспекторат и Државниот инспекторат за транспорт се преземаат во Министерството за транспорт, најдоцна во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Минатата недела, пак, на третиот ден од протестите на голем дел од администрацијата, претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски нагласи: „Во најдолгиот месец од годината, 988 вработени во сите инспекторати немаат декемвриска плата, а ги чекаат обврски и кредити“.

Инспекторатите во согласност со законската регулатива, имале обврска да достават годишни планови за работа. Во Планот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е објаснето дека овие инспектори вршат инспекциски надзор на градби од прва категорија, а проверуваат и дали соодветно работат општинските инспектори. Во овој Инспекторат биле предвидени 50 вработени, но имало 21, од кои само четворица се инспектори, и тоа двајца самостојни и двајца со звање советник-инспектор. За годинава Инспекторатот предвидел 112 инспекциски надзори, од кои 50 редовни и 52 вонредни.

Државниот комунален инспекторат објавува неделни извештаи, но последниот прикачен извештај за надзори од 13-ти до 17 јануари е целосно празен. Во Планот за работа за 2024 година е наведено „Кадровската екипираност на Државниот комунален инспекторат се состои од 11 вработени, од кои освен Директорот на инспекторатот, останатите се со статус на административни службеници“.

Државниот транспортен инспекторат, последниот неделен извештај го има прикачено за периодот од 12-ти до 18 февруари 2024 година. Инаку, овој инспекторат беше во состав на Министерството, се извади оттаму, па сега повторно се враќа!

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови