сабота, април 19, 2025
13.8 C
Skopje

Заврши првиот ден од изборниот процес: Од пријавените 759 лица со Ковид-19, гласаа 723

Вкупно 723 лица го искористија правото на глас во рамки на денешниот изборен процес што се организираше за заболените од Ковид-19 кои се наоѓаат во изолација и во самоизолација, информира Државната изборна комисија (ДИК). Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски појасни дека било утврдено да гласаат 759 граѓани, но појавената разлика во бројките што биле соопштени од претходно е поради одредени приговори од граѓани што пристигнале во меѓувреме и истите биле разгледани и прифатени.

„Благодарност до медиумите и вистинската порака што ја пренесовте до граѓаните дека ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на избирачи. Можам да кажам дека ДИК си ја заврши својата задача и за останатите два дена за гласање кога ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни“, изјави Дерковски.

Тој изрази благодарност до сите кои учествуваа во гласањето на првиот ден од изборниот процес на предвремените парламентарни избори, затоа што се одвиваа во исклучително тешки услови за организација и спроведување на самиот чин на гласање. Од денешното и од утрешното гласање, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност.

„Од денешното гласање објавуваме само излезност, а не бројки. Ливчињата остануваат запечатени во ковертите кои се наоѓаат во гласачките кутии. Така ќе биде и по утрешното гласање. Тајноста е загарантирана и не постои начин да се отворат овие ливчиња, ниту да се провери кој за кого гласал. Сите овие ливчиња остануваат затворени со останатите ливчиња од гласањето на 15 јули и тие нема да се отвораат до завршување на целокупниот процес“, изјави Борис Кондарко, член на ДИК.

Право на глас на изборите имаат 1.814.263 милиони граѓани. Утре гласаат болните и изнемоштените чиј број изнесува 8.852, потоа 1.657 лица во 13. казнено-поправни установи и шест внатрешнораселени лица. Правото на глас, пак, во 17. старечки домови ќе можат да го остварат 357 гласачи.

 

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови