Пониските цени на храната кои се промовираат со разно-разните кошнички и другите владини мерки, не ги опфаќаат подобрите видови на месо, скапите млечни производи, жестоките пијалаци, поскапите вина, но и зеленчукот и овошјето, кои се сервираат во рестораните
Ефектите од замрзнатите маржи на храната и на пијалаците тешко дека ќе се прелеат и во ресторанските менија, што ќе рече дека цените на кафеанската храна во догледно време нема да намалат. Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ, за „Слободен печат“ вели дека убаво е да се очекува такво нешто, но пониските цени на храната кои се промовираат со разно-разните кошнички и другите владини мерки, не ги опфаќаат подобрите видови на месо, скапите млечни производи, жестоките пијалаци, поскапите вина, но и зеленчукот и овошјето, кои се сервираат во рестораните.
Да потсетиме дека цените на угостителските услуги во декември 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 6,1 отсто. Од извештајот на статистичарите може да се види дека минатата година најголемо поскапување има кај минералната вода, соковите и безалкохолните пијалаци од 15,8 проценти, потоа зеленчукот кој сега се продавал поскапо за 12,7 отсто споредено со истиот период во 2023 година, маслото и мастите кои поскапеле за 11,7 проценти, кафе, чај и какао кои сега се поскапи за 11,5 проценти, а млекото, сирењето и јајцата се продаваат со 7,5 проценти повисоки цени од 2023 година.
-Храната во угостителските објекти е посебно стандардизирана, таа се набавува на неделна или на месечна основа и најчесто соодносот на набавените производи и подготвените храни е 1:3. Во цените на храната влегува енергијата, подготовката и платата на куварите. Намалувањата кои се промовираат не се однесуваат на поскапото месо или млечните производи, кои се наоѓаат на менијата. Впрочем, во минималната потрошувачка кошничка и нема голем простор за ручек или вечера во ресторан, бидејќи тоа е луксуз – објаснува Блажевски.
Онлајн менијата на некои ресторани покажуваат дека цената на една шопска салата се движи од 200 до 240 денари, додека јадењата на скара чинат меѓу 280 и 900 денари.
Килограм печено месо оди и до 2.500 денари, порција помфрит и до 150 денари, додека разните мезиња, кои се состојат од сирења, ајвар, похувани тиквички или модри патлиџани одат и до 400 денари. Пиците се од 300 до 800 денари во зависност од додатоците. Парче леб чини најмалку 30 денари, иако главно се служат лепињи од 40 денари, па сè до популарната нафора од 140 денари, што во суштина е леб потпечен на скара.
Цените во македонските ресторани се проектирани за странските гости, посочи во една поретходна изјава за нашиот весник и Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК. Според него, за 95 отсто од македонските граѓани, одењето во кафеана стана луксуз.
Инаку, храната и пијалаците учествувале со 54,5 отсто во вкупниот угостителски промет на крајот на 2023 година, покажува Статистичкиот годишник за 2024 година. Според бројките, Македонците и нивните гости потрошиле најмногу пари за храна (речиси 10,3 милијарди денари и речиси идентично за кафе, чај и млеко 923 милиони денари). Добар промет е направен и од безалкохолните пијалаци – 968 милиони денари, а на пиво отишле дополнителни – 898 милиони денари, што е малку помалку од сумата за испиените ракии и други жестоки пијалаци.
За три години тројно помалку кафеани!
Податоците од Статистичкиот годишник за 2024 година говорат дека од 2021 до 2023 година, тојно е намален бројот на кафеани во земјава. На крајот на 2021 година, нивниот број изнесувал 141, а во 2023 година останале само 68! Од македонското угостителско милје „испариле“ и слаткарници, ќебапчилници, чајџилници и пицерии, покажува Годишникот.
За само три години – од 2021 до 2023 година – се затвориле дури 100 слаткарници, педесетина ќебапчилници и чајџилници и педесеттина пицерии! Така, 2023 година во земјава имало само 34 специјализирани дуќани за слатки за разлика од 2021 година, кога биле дури 133. Ако пред три години ќебапи служеле 82 локали, сега тој специјалитет на менито го имаат само 30, а од некогашните 62 чајџилници, опстанале само 5.