Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе престојува во работна посета на општина Крива Паланка, каде ќе присуствува и ќе се обрати на настан по повод пуштање во употреба на рехабилитиран државен пат Крива Паланка – ГП Деве Баир.
Премиерот Ковачевски, како што соопштија од Министерството за транспорт и врски, ќе биде придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
На настанот се очекува присуство на амбасадорот на ЕУ за Северна Македoнија, Дејвид Гир како и на директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу.
Со рехабилитацијата опфатена е изградба на трета лента од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир.
Патот Крива Паланка – ГП Деве Баир, е делница од источниот дел на Коридор 8, на кој веќе е завршена рехабилитацијата на државниот пат од Куманово до Страцин, а активно се работи и на изградба на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, што се очекува да биде пуштен во сообраќај годинава.